Најголем проблем е третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, вклучува 22 тунели и 55 мостови или вијадукти / Photo: ТРТ БАЛКАН / Photo: ТРТ БАЛКАН  / Photo: ТРТ БАЛКАН МАКЕДОНСКИ

Железничката пруга која треба да ги поврзе Северна Македонија и Бугарија кај македонските граѓани е актуелна тема веќе 30 години. Од првичното промовирање на идејата уште во 1994 година од тогашниот македонски премиер Бранко Црвенковски, најразличните проекти за нејзина реализација, па се до конкретните работи на терен. Речиси и да не постои македонска влада која пругата кон Бугарија ја немаше во својата предизборна програма.

Сепак и сега е непознато кога ќе финишира изведбата. Делумно поради проблемите од македонска страна, неефикасноста во обезбедување доволно средства и лошите проекции, но и поради неизвесноста за реализација од бугарска страна.

ТРТ Балкан беше на терен за да види до каде е изведбата на пругата од македонска страна и да ви ја пренесе состојбата во “Железници на Република Северна Македонија”.

Третата делница најголем проблем

Пругата кон Бугарија е дел од Коридорот осум. Предвидено е да има три делници. Од Куманово до Бељаковце, долга 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка долга 34 километри и од Крива Паланка до границата со Бугарија во должина од речиси 24 километри. . Односно со вкупна должина од околу 90 километри. Да се градеа по три километри годишно од македонската независност до денес веќе ќе беше готова.

При увидот на дел од пругата од Куманово до Бељаковце надлежните не уверуваа дека се работи според предвидената динамика.

“На оваа делница работите се завршени речиси 90 проценти. Веќе е направен и објектот каде ќе биде железничката станица”, ни изјавија раководителот и членовите на екипата за надзор на работата.

Вториот дел од пругата, од Бељаковце до Крива Паланка се гради со поспоро темпо. Најголем проблем е третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија. Вклучува 22 тунели и 55 мостови или вијадукти.

Дали проектот е исплатлив?

Според изготвениот проект од претходната влада третата делница треба да чини 560 милиони евра. Последните прогнози беа дека ќе биде готова до 2029 година.

Актуелната власт тврди дека се работи за неисплатлив и нецелосно осмислен проект кој завршувал со тунел без излез и дека треба да се чека на ставот на Бугарија дали е подготвена да го догради тунелот од нејзина страна за целосно поврзување. Кај сегашната владеачка гарнитура постоеше и разногласие околу тоа дали овие средства од кои 350 милиони евра се заеми може да се пренаменат за пругата кон Грција.

Неколку домашни линии, меѓународни нема

Состојбата во “Железници на Република Северна Македонија” во моментов е разочарувачка. Низ државата функционираат само неколку линии. Од скопје може да се отпатува само до Велес, Битола и Гевгелија. Меѓународни линии нема. Новото раководство ветува посветла иднина, а и вработените се надеваат на тоа.

Патниците кои ги сретнавме на железничката станица во Скопје кои го чекаа возот за Велес велат дека доколку има би користеле меѓународни линии.

“Па доколку има развиено за на страна и за надвор Македонија да. А овој период некако почесто ја користиме низ Македонија. Порано користевме многу почесто. Ја уништија железницава”, ни рече една патничка.

Некои се сеќаваат на кој начин функционирала железницата кога тие биле дел од неа.

“Јас работев како кондуктер. Тогаш имаше четири курсни коли навечер за Љубљана. Немаше резервација да издадеме. Сабајлето имаше експресен воз од Атина за Дортмунд. И навистина беа возовите полни. Каква ни е државата таква ни е железницата”, изјави за ТРТ Балкан поранешен кондуктер.

Бројот на превезени патници со воз за нешто повеќе од една деценија опаднал речиси за четири пати. Ако во 2011 се превезле 1,5 милиони патници во 2022 година се превезле 405 000 патници.

TRT Balkan
Популарни