Конечната одлука за условениот кандидатски статус на БиХ ќе ја донесе Европскиот совет     Фото: TRT Balkan

Прогрес во евроинтегративниот пат на Босна и Херцеговина по 19 години. Откако земјата во 2003 година стана потенцијален кандидат за членство во Европската Унија, денеска и беше доделен условен кандидатски статус. Статусот кандидат за членство на БиХ, ЕУ го услови со исполнување на одредени реформи.

Понуда од ЕУ до граѓаните на БиХ

Одлуката за условениот кандидатски статус и неопходните реформи ги изнесе еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Како што рече тој при презентирањето на извештаите за напредокот на државите од Западен Балкан давањето статус на земја кандидат е понуда од страна на ЕУ до граѓаните на БиХ.

„Ние тоа го правиме за граѓаните на БиХ. Меѓутоа тоа доаѓа од високите очекувања. Политичката елита тоа мора да го претвори во стварност. По изборите одржани на 2 октомври очекуваме дека владите на државно ниво и на ниво на кантони ќе бидат формирани што побрзо за да можат да работат на европските реформи.

Конечната одлука за условниот кандидатски статус ќе ја донесе Европскиот Совет веројатно во декември.

Кои се условите?

Усвојувањето на амандманите во постоечкиот закон за Високиот судски и обвинителски совет е еден од приоритетите кои ЕУ го очекува од БиХ. Понатаму земјата треба да го усвои Законот за судовите на БиХ, рече Вархеји.

На БиХ ќе и бидат неопходни и други уставни и правосудни реформи. Оваа држава според еврокомесарот Вархеји треба да го усвои Законот за спречување на судир на интереси, да преземе одлучни чекори во борбата против организираниот криминал и корупција и да оствари напредок во ефикасната координација во управувањето со границите/ж

Исто така од БиХ се очекува покренување на темата за функционирање на системот за азил и спречување на случаите на мачење и злоставување, гарантирање на слобода на медиумите и заштита на новинарите, да се гарантира правосудно следење на случаите на заплашување на медиуми и новинари како и дека постојат добри резултати во функционирањето на сите нивоа на координативниот механизам поврзан со ЕУ.

Северна Македонија да го задржи реформското темпо

Во однос на Северна Македонија еврокомесарот Вархеји изјави дека 2022 била важна година бидејќи започнал преговарачкиот процес.

„Ова е пробив за земјата, Северна Македонија покажа одлучност и издржан напредок. Важно е земјата да го задржи реформското темпо и да го искористи процесот на скрининг, за да го искористи својот потенцијал за забрзување на реформите. Потребни се дополнителни напори во областа на јавната администрација”, изјави Вархеји.

Според него важно е што Северна Македонија ја усогласила надворешната политика со онаа на ЕУ и со тоа ја докажала одлучноста за напредување на европскиот пат.

Извештајот на ЕК за Северна Македонија нотира умерен напредок во повеќе области. Единствено во економскиот дел е забележаан добар прогрес, а во делот на меѓународната и надворешната политика многу добар прогрес.

Србија да се справи со предизвиците

Од Србија Европската унија бара да ја усклади надворешната политика со онаа на државите членки вклучително и за прашањето за санкциите кон Русија. Србија на ЕУ и треба како искрен политички партнер, рече Вархеји.

“Во денешен геополитички контекст јасно е дека Србија треба повеќе да работи за да се усклади со надворешната политика на ЕУ вклучувајчи ги и санкциите кон Русија. ЕУ е најголем политички и економски партнер на Србија и ние сакаме Србија да се справува со своите предизвици вклучувајќи ја и областа на енергетската безбедност”, рече Вархеји.

Според еврокомесарот, Србија продолжила да работи на реформите за членство во ЕУ. Иако има одреден напредок во делот за борба против корупцијата , Унијата очекува примена на акцискиот план за медиуми како и законодавните и уставните измени да бидат реализирани во предвидениот рок

Нема напредок во слободата на изразување во Албанија

Во извештајот на ЕК за Албанија се наведува дека земјата го задржала фокусот на реформите на патот кон ЕУ. Од владата во Тирана се очекува унапредување на реформската агенда со вклучување на опозицијата.

Албанија според ЕК продолжила со реформите на правосудството, но се истакнува големиот број заостанати предмети. Брисел утврдил напредок и во борбата против корупција и организиран криминал, но има забелешки за слободата на изразување.

TRT Balkan / агенции
Популарни