Уставниот суд го разгледува Законот за јазиците / Photo: AA

Уставниот суд на Северна Македонија денеска ја одржа 32-та седница на која на дневен ред беа иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците, додека пред зградата на судот продолжија протестите со барање да не се укинува овој закон.

За време на седницата на Уставниот суд, судиите одлучија да одржат дополнителна подготвителна седница на која ќе учествуваат експерти, за да го слушнат нивното мислење за оваа чувствителна работа.

Во меѓувреме, членовите и симпатизерите на Европскиот фронт, предводени од опозициската партија Демократска унија за интеграција (ДУИ) продолжија со „стражата“ за албанскиот јазик во шаторот поставен пред зградата на Уставниот суд во Скопје.

Таму на присутните им се обратија претседателот на ДУИ, Али Ахмети, како и претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.

Тие ги повикаа судиите да не гласаат за укинување на законот, оценувајќи дека со тоа се загрозува Охридскиот договор со кој му се стави крај на вооружениот конфликт во 2001 година.

„Внимавајте, не загрозувајте ја иднината на младите. Внимавајте, не загрозувајте го мирот, стабилноста, безбедноста. Нам ни е потребна иднина, не ни е потребно повторување на минатото“, рече Ахмети, додавајќи:

„Ние сакаме сите заедно да одиме напред. Никому не му се закануваме, дојдовме овде затоа што сакаме мир, ја сакаме нашата слобода, сакаме нашето достоинство да не биде понижувано и навредувано.“

Претседателот на Алијансата за Албанците, партија која исто така е членка на Европскиот фронт, рече дека судиите треба да ги слушаат гласовите на демонстрантите, додавајќи дека прашањето за јазиците е еден од елементите на стабилност, кохезија и градење на иднината во Северна Македонија.

AA
Популарни