Утре официјално почнува кампањата за парламентарните избори /     Фото: МИА

На ден пред официјалниот почеток на кампањата за македонските парламентарни избори претставници на партиите денеска ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори.

Ноќеска на полноќ, пак, заврши рокот за пријавување на болни и изнемоштени за гласање на претседателските избори на 24 април.

Од утре до 22 април на полноќ кампањите за претседателските избори и за парламентарните избори се преклопуваат, а кампањата за парламентарние избори ќе се одвива и за време на молкот за претседателските избори.

Владата на вчерашната седница одлучи 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) да бидат неработни денови за сите граѓани на Република Северна Македонија, заради непречено спроведување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и овие два неработни дена нема да се одработуваат.

Владината одлука се однесува на сите граѓани на територијата на Република Северна Македонија.

Караваните на претседателските кандидати продолжуваат и денеска. Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Чашка, Свети Николе и Велес.

Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе одржи средби со граѓани во Чучер-Сандево, Бутел, Чаир и во Гази Баба. Кандидатот за претседател на државата од коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Општина Липково.

Кандидатот за претседател од ГРОМ, коалиција „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски во Струга, во Охрид и во Битола ќе одржи средба со граѓани.

Синоќа претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ Стево Пендаровски беше во Велес. Тој пред своите симпатизери и граѓаните на Велес потсети дека „пред четири години Владата предовдена од СДСМ успеа да постигне договор со Грција и да ја внесат државата во НАТО, што е предуслов за било каков економски развој.“

Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ беше во Гевгелија. Од таму порача дека „мора да имаме уставен патриотизам и да ги почитуваме основните одредби на Уставот, а особено Преамбулата.“

Лидерот на ДУИ Али Ахмети на промоцијата на Бујар Османи за претседател на државата истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ веќе се обединиле против барањето на ДУИ и Европскиот фронт изборот на претседателот да биде во Собранието.

Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Максим Димитриевски ги повика на телевизиски дуел противкандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска - Давкова за, како што рече, да ги соочат пред граѓаните своите планови и програми.

Според Димитриевски, на телевизиски дуел треба да се одважат сите кандидати, посебно „оние од македонскиот и албанскиот блок кои се најфаворизирани во медиумите“.

Билјана Ваковска, кандидатка на Левица во Кочани рече дека на непосредните средби што ги има со граѓаните го претставува она што може да се каже кога со некого разговарате очи в очи и е дел од нејзината предизборна програма, но срам за овој предизборен процес е отсуството на соочување на кандидатите за претседател.

Кандидатот на Вреди, Арбен Таравари од Дебар најави забрана на коцкањето и брзите кредити, со кои, како што рече граѓаните се задолжени до гуша, додавајќи притоа дека ќе им помогнат на граѓаните овие долгови да ги покрие државата или владата.

MIA
Популарни