Еврокомесарот Оливер Вархеји денес изјави дека извршното тело на Европската Унија (ЕУ) во октомври ќе претстави „суштински“ предлози за проширувањето, јавува Анадолу.
Комесарот за соседство и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, даде изјава за новинарите пред неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Толедо, Шпанија.
Тој потврди дека извршното тело на ЕУ „е подготвено да даде предлог“ за унапредување на процесот за интеграција на земјите од Западен Балкан.
Вархеји, исто така, ја поздрави пораката на претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, за волјата на членките на ЕУ „конечно да се ангажираат и да направат голем исчекор за остварување на проширувањето“.
Неговите изјави дојдоа откако Мишел во понеделникот предложи дека земјите кандидати од Западен Балкан и ЕУ треба да бидат подготвени за проширување до 2030 година.
Тој истакна дека Европската комисија „ќе презентира суштински предлози“ во октомври пред самитот на лидерите на ЕУ на 26 и 27 октомври.
Пакетот ќе го вклучи таканаречениот „план за раст“ кој „ќе ја забрза не само институционалната, туку и вистинската интеграција на луѓето и економиите во Европската Унија“, тврди тој.
Како што веќе откри претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во мај, ЕУ сака да ги зголеми инвестициите во Западен Балкан со цел да го олесни влијанието на руската војна во Украина врз економијата.
Планот има за цел да ги зголеми претпристапните фондови на ЕУ и да обезбеди пристап до Единствениот дигитален пазар на Блокот во области како што се е-трговијата и кибербезбедноста.