Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи денес во Котор изјави дека предуслов за членство во Европската унија е да се има добри односи со соседите.
Вархеи, кој присуствува на Самитот на лидери од Западен Балкан, на заедничката прес-конференција со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ рече дека очекува позитивни сигнали на патот на Црна Гора кон полноправно членство во ЕУ.
„Иако сè уште не сме тука, сепак потребни се одредени одлуки“, рече Вархеи, потсетувајќи дека црногорскиот Парламент треба да усвои одредени закони.
Како што додаде, ако Владата на Црна Гора продолжи интензивно да го врши делот од работата како во првите месеци, очекува позитивен исход од Меѓувладината конференција на почетокот на летото.
„Верувам дека ќе имаме успешна конференција, иако има уште работа“, рече Вархеи.
Прашан за коментар во врска со протестната нота на Хрватска и предупредувањето дека усвојувањето на резолуцијата за Јасеновац може да влијае врз европскиот пат на Црна Гора, Вархеи рече дека е јасно оти предуслов за членство е да се има добри соседски односи.
„Видовме дека тој критериум е многу чувствителен, многу важен, затоа секогаш бараме од кандидатот добро да се поврзе со членките на Европската Унија“, појасни Вархеи.
Еврокомесарот за проширување рече дека е убеден оти Владата на Црна Гора ќе го реши проблемот со Хрватска. На прашањето дали на Црна Гора ѝ е потребна резолуција за Јасеновац, Вархеи нагласи дека не сака да се меша во интерпретацијата на историјата.
Еврокомесарот за проширување претходно на состанокот со лидерите на Западен Балкан истакна дека Планот за раст повеќе не е во нацрт, туку дека ја дава мапата на патот кон Брисел.
Тој нагласи дека претставува голем потенцијал за регионот и дека овозможува многу корист пред приклучувањето на земјите во ЕУ.
„Балканот мора да ги ужива бенефитите на Планот за раст, но доколку сите работат како еден“, нагласи Вархеји.
Тој вели дека следната Европска комисија „треба да биде проширена Европска комисија“.
„Проширена, која би имала нови членови до крајот на мандатот. Сосема сум сигурен дека, со сето она што го направивме во овој мандат, Западен Балкан ќе биде дел од тоа проширување“, рече Вархеји, а потоа продолжи:
„Со алатките што ги имаме, до 2027 година Западен Балкан ќе добие исто или споредливо ниво на помош како сегашните корисници на нашиот фонд, тоа значи дека ќе достигне 90 проценти од интензитетот на помошта… Нема да има оправдување за Западен Балкан да не биде подготвен до 2027 година за влез во ЕУ“, додаде тој.