Вратите на Европската унија се отворени за Босна и Херцеговина, изјави европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји откако Европската комисија минатиот месец препорача БиХ да добие кандидатски статус, со разбирање дека ќе бидат преземени одредени чекори.
Вархеји во колумна за бањалучкиот весник „Независне новине“ напиша дека оваа препорака е европска понуда за граѓаните на Босна и Херцеговина кои копнееле по неа.
Еврокомесарот посочува дека препораката е безусловна, но дека доаѓа со големи очекувања и јасна порака. Тоа укажува дека политичката елита мора да докаже дека сака напредок на европскиот пат и дека е подготвена да ги спроведе многу потребните реформи.
„Нашите врати се отворени. По општите избори одржани на 2 октомври, веруваме дека сите институции ќе се формираат брзо, за да може без одлагање да се спроведат неопходните реформски чекори. Европскиот совет ќе ја разгледа нашата препорака за доделување кандидатски статус, можеби уште во декември“, изјави еврокомесарот.
Тој посочи и дека се чекаат усвојување поконкретни одлуки од Советот на министри во заминување, а тоа се: усвојување на стратегии за миграција и азил и борба против организираниот криминал.
Се чека и усвојување на амандмани поврзани со интегритетот на судството и новиот Закон за судови, како и преземање на сите неопходни мерки за конечно активирање на контакт точката за соработка со Европол.
Гореспоменатите реформи, посочува Вархеји, ќе им покажат на земјите-членки на ЕУ дека Босна и Херцеговина е сериозна во однос на желбата за влез во ЕУ. Тие реформи не се за Брисел, тие се потребни за да се подобри секојдневниот живот на сите граѓани на Босна и Херцеговина, додаде тој.
„Каде што има волја, има и начин - тоа можевме да го видиме на примерот со усвојувањето на измените на Законот за јавни набавки и пристапувањето на Босна и Херцеговина во Механизмот за цивилна заштита на ЕУ“, потсети тој.
Тој изјави дека Брисел го поддржува напредокот постигнат во управувањето со миграцијата, благодарејќи на работата на Министерството за безбедност на подобрување на координацијата и зајакнување на меѓународната соработка. Босна и Херцеговина, додаде тој, треба да продолжи да развива одржлив систем за управување со миграцијата и азилот.
Посочува и дека работата не завршува со препораката за кандидатски статус.
„Напротив, очекуваме Босна и Херцеговина да ги интензивира напорите за сите добро познати 14 клучни приоритети од Мислењето на Комисијата. Ова е единствениот пат до членството во ЕУ и она што е потребно за отворање на преговорите за проширување“, рече Вархеји.
Како дел од овие напори, вели тој, време е и да се заокружат реформите на Уставот и Изборниот закон, како еден од највисоките приоритети, со цел да се гарантира еднаквоста на сите граѓани без дискриминација и да се обезбеди функционалност на институциите на државата.
„Тука сме да поддржиме изнаоѓање решенија во согласност со стандардите и вредностите на Европската Унија“, вели Вархеји и додава:
„Тука сме и да им помогнеме на граѓаните на Босна и Херцеговина да се справат со енергетската криза оваа зима. За таа цел воспоставивме пакет енергетска поддршка за Западен Балкан, кој вклучува 70 милиони евра грантови за ранливи семејства и мали бизниси , со цел веднаш да се реагира на поскапувањето на енергенсите“.
Тој ветува дека, на среден рок, Брисел ќе инвестира во интерконектори и проекти на обновливи извори на енергија, особено во ветер, сонце и биомаса, со цел сите во Босна и Херцеговина да имаат пристап до чиста енергија и чист воздух.
Тој потсетува дека ЕУ е првиот трговски партнер и донатор во Босна и Херцеговина. Европските фондови веќе ја трансформираат земјата, а како пример ги наведува автопатот и железницата долж Коридорот 5C, кои, како што вели, ќе ја олеснат мобилноста и подобро ќе ја поврзат Босна и Херцеговина со остатокот од Европа.
„Но, тоа не е сè. Направивме економски и инвестициски план за поддршка на зелената и дигитална транзиција на земјата“, рече Вархеjи и рече:
„Сите сме на иста геополитичка раскрсница. Местото на Босна и Херцеговина е во Европската Унија. Доделувањето кандидатски статус е понуда на Европската унија за граѓаните на Босна и Херцеговина, нешто што се случува еднаш и со големи очекувања “.