Во декември заедничка седница на владите на Србија и РС во Бањалука / Photo: AA

Претседателот на Србија Александар Вучиќ во Белград ги прими претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ и претседателот на ентитетот на Република Српска (РС) Милорад Додик, со кои разговараше за соработката на заеднички проекти меѓу Србија и РС и други актуелни теми.

„Доколку Босна не се врати на позициите на Дејтонот и Уставот, не гледаме причина да придонесеме за антиуставниот пат на Босна и Херцеговина“, рече Милорад Додик на заедничката прес-конференција по средбата.

Тој рече дека по формирањето на новата влада на РС во првата недела од декември ќе биде одржана заедничката седница на владите на РС и Србија во Бањалука.

Истакна дека смета оти е важно Вучиќ да знае дека РС е „загрозена со одземање на надлежностите“.

„Договоривме продолжување на соработката, разбираме дека Србија стои зад Дејтонскиот договор, тоа е зема која не се колеба да го поддржи територијалниот интегритет на БиХ“, рече Додик.

Тој оцени дека „Западот сака да ги заврши процесите на распаѓање на Југославија, поврзани со ситуацијата во Косово“ и истакна дека „е наивно да се мисли дека прашањата можат да се решат на одвоен начин“.

„Ние стоиме зад нашиот народ на Косово и спремни сме да ги поддржиме нивните права“, рече Додик.

Српскиот претседател Вучиќ изјави дека се согласил со Додик и Цвијановиќ оваа недела да се формира тим на РС и Србија за изградба на меморијален комплекс во Долна Градина, Јасеновац.

Тој наведе дека во тој меморијален комплекс ќе се инвестираат десетици милиони евра, „бидејќи тоа е една од најважните работи што треба да ги направиме заедно“ и посочи дека Србија ќе учествува со 80 отсто од финансиските средства.

Претседавачот со Претседателството на БиХ Цвијановиќ истакна дека на новата функција по изборите ја очекуваат големи предизвици, но сака да придонесе за подобрување на односите меѓу двете земји.

Таа изјави дека со Вучиќ и Додик разговарала за започнатите проекти во кои Србија е инвеститор и коинвеститор и додаде дека изградбата на ХЕ Бук Бијела и аеродромот во Требиње се од стратешки интерес за Босна и Херцеговина.

TRT Balkan / агенции
Популарни