Министерството за здравство на Северна Македонија ја презентираше платформата „Мое здравје“ која им овозможува на граѓаните да имаат лесен пристап и увид во личните здравствени податоци.
На презентацијата на платформата, освен министерот за здравство на Северна Македонија, Фатмир Меџити, свое обраќање пред присутните имаа и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство.
Министерот Меџити истакна дека апликацијата „Мое здравје“ ќе го трансформира начинот на кој се управува со поединечното здравје.
„Преку 'Мое здравје' можете лесно да пристапите и да ја истражувате вашата медицинска историја, детали за рецепти, специјалистички, дијагностички, лабораториски и болнички упати, и досиеја за имунизација. Сè што треба да знаете за вашите здравствени услуги е добро организирано и лесно достапно“, нагласи Меџити.
Тој рече дека апликацијата е „беспрекорно интегрирана“ со системот „Мој термин“, што според него значи дека сите здравствени податоци автоматски ќе се преземат и синхронизираат.
„'Мое здравје' претставува значителен скок напред во нашиот здравствен систем. Тоа е алатка која им користи не само на поединците, туку и на давателите на здравствените услуги и на општеството како целина. Како заклучок, го поканувам секој од вас да ја прифати моќта на 'Мое здравје'. Преземете ја контролата врз вашето здравје и добијте вредни сознанија“, истакна Меџити.
Тој додаде дека оваа апликација ќе ги поттикне граѓаните да станат активни учесници во грижата и заштитата на нивното здравје.
Апликацијата вклучува едукативен и интерактивен пристап кон здравственото досие на секој корисник и дава можност да се има увид во дијагностичките анализи и упатите за специјалистички прегледи.