Амбасадата на Украина во Скопје и Здружението на Украинци во Северна Македонија „Лесја Украинка“ организираа настан за одбележување на Денот на независноста на Украина во центарот на Скопје.
Организаторите на настанот рекоа дека и покрај тоа што во Украина се откажани манифестациите поради заканата од можни бомбардирања, Украинците низ целиот свет излегле на плоштадите да го одбележат Денот на независноста.
Како и што беше најавено, на настанот се изведе националната химна на Украина, што се случи истовремено во 50 земји во светот, и се откри големо украинско знаме.
Вршителот на должноста амбасадор на Украина во Скопје, Роман Буга, рече дека Украинците треба да бидат издржливи сѐ до нивната победа, „колку и да е потребно за да ги натераат окупаторите да одговорат за сите нивни напади и терор“.
„Украина беше, е, и секогаш ќе биде независна и обединета земја. Слава на Украина и слава на хероите“, истакна Буга.
Претседателот на Здружението на Украинци во Северна Македонија „Лесја Украинка“, Александр Урбанович, во своето обраќање рече дека Денот на независноста е најзначајниот празник, додавајќи дека независноста е токму она за што Украинците се борат и дека нивната независност нема никому да ја дадат.
Тој, исто така, упати благодарност до сите земји кои помагаат со вооружување и обучување на украинските војници, но и со хуманитарна помош.
„Секако, ние сме исполнети со огромна благодарност до [Северна] Македонија, мала земја со лавовско срце, која даде дури повеќе отколку што можеше за наша поддршка.
Оваа помош, ние, Украинците, нема никогаш да ја заборавиме“, рече Урбанович.
Тој, исто така, напомена дека во текот на руската воена агресија, која започна пред точно шест месеци, срушени се повеќе од 23 илјади цивилни згради и само 2 илјади воени згради, што според него, покажува дека ова е геноцид.
На настанот, покрај десетина Украинци, беа присутни и амбасадори и претставници на неколку западни земји.
Слични настани по повод Денот на независноста на Украина, украинската заедница организираше и во Србија и во Хрватска.