Во Скопје отворен новиот објект на Одделот за форензички испитувања / Photo: AA

Во Северна Македонија се отвори новиот објект на Одделот за форензички испитувања при Министерството за внатрешни работи (МВР).

На отворањето на објектот присуствуваа владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, пратеници, директори на одделите на МВР, пратеници, како и амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир.

Во своето обраќање премиерот Ковачевски рече дека станува збор за најголем објект за форензички испитувања во регионот.

„Првпат во историјата на службата за форензички испитувања во Република Северна Македонија на вакво високо ниво ги унапредуваме условите за работа на припадниците на МВР, а од друга страна овие модерни и добро опремени форензички лаборатории ќе им бидат корисна алатка на полицијата и на правосудниот систем во борбата со криминалот, што ќе резултира со поквалитетна истрага и зголемена ефикасност. Ова овозможува нашата полиција да биде во чекор со современите постапки, европските практики и стандарди“, рече Ковачевски, додавајќи дека инвестицијата за новиот објект е во рамките на ИПА програмата.

Домаќинот на настанот, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, истакна дека изградбата на нов објект за форензички испитувања претставува значајна капитална инвестиција за иднината на македонската форензика. Притоа, тој упати благодарност кон ЕУ за понудената поддршка.

„На мое огромно задоволство денес можам да кажам дека ја добиваме најголемата и најсовремената форензичка лабораторија на Балканот. Новите простории, дизајнирани според потребите на различни форензички дисциплини, ќе претставуваат и дополнителен мотив вработените да продолжат со квалитетно извршување на деликатните задачи", рече министерот Спасовски.

Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, во својот говор ја истакна важноста на форензиката во истрагите и гонењето на криминалот.

„ЕУ постави минимални стандарди за форензичката практика во сите земји членки на ЕУ, стандарди што треба да ги спроведат и идните членки. И овој проект има цел да го направи токму тоа. ЕУ обезбеди специјализирана форензичка опрема и ја финансираше изградбата на оваа убава зграда во која е сместен одделот, во вредност од 3,6 милиони евра", рече амбасадорот Гир.

По воведните говори високите претставници разгледаа неколку простории во објектот.

TRT Balkan / агенции
Популарни