На прес-конференција ќе се обрати и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров / Photo: AA

Денес во Скопје продолжува дводневниот Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), со третата пленарна седница на која ќе се усвојат документи и одлуки на Министерскиот совет, а на маргините на овој годишен состанок ќе се реализираат и средби, јавува Анадолу.

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, претпладне ќе се сретне со азиските партнери, односно со делегациите на ОБСЕ од Авганистан, Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Тајланд.

На пленарната седница ќе се обратат шефовите на делегациите на земјите учеснички во ОБСЕ и потоа ќе ги усвојат документите и одлуките од овој дводневен состанок.

На состаноците што ќе се одржат на маргините на Министерскиот совет ќе се разговара за прашања за младите и граѓанското општество, влијанието врз теренските операции на ОБСЕ, како и безбедноста на новинарките.

Исто така, како што е најавено, на прес-конференција ќе се обрати и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

Шефот на руската дипломатија вчера во својот говор на пленарната седница ја критикуваше ОБСЕ, нагласувајќи дека организацијата се наоѓа во „жална ситуација“ и на „работ на амбисот“.

„За жал, западните политички елити, кои го стекнаа правото да ја одредуваат судбината на човештвото, направија невнимателен избор во корист на НАТО, а не во корист на ОБСЕ“, рече Лавров.

На крајот од Министерскиот совет, на завршната прес-конференција се очекува да се обратат министерот Османи, министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг, кој ќе претседава со ОБСЕ следната година, како и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.

Состанокот на ОБСЕ во Скопје официјално започна вчера, а учествуваат околу 1.000 лица од вкупно 76 делегации, од кои 57 се земји учеснички во оваа организација.

Северна Македонија претседаваше со ОБСЕ во 2023 година, а работите се одвиваа со слоганот „За луѓето се работи“. Следната година претседавањето со ОБСЕ го презема Малта.

AA
Популарни