Северна Македонија, како претседавач со САД - Јадранската повелба (А-5), денес е домаќин на 26-тата Конференција на началниците на генералштабови на армиите од земјите членки на оваа иницијатива.
САД - Јадранската повелба (А-5) е иницијатива во која учествуваат САД, Северна Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека како земји набљудувачи учествуваат Словенија, Србија и Косово.
Иницијативата беше формализирана во мај 2003 година кога Северна Македонија, Албанија, Хрватска и САД ја потпишаа Јадранската повелба, која имаше за цел прием на трите тогашни земји аспиранти во НАТО.
Црна Гора и Босна и Херцеговина официјално ѝ се приклучија на Јадранската повелба во 2008 година.
Со воведно обраќање, Конференцијата ја отворија претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Претседателот Пендаровски во својот говор рече дека Јадранската повелба во голем степен ја има исполнето иницијалната цел.
Тој исто така рече дека оваа конференција се одржува во време на големи безбедносни предизвици за Европа, поттикнати од инвазијата на Русија врз Украина.
„Во моментов сме меѓу 5 држави членки на Алијансата според соодносот меѓу бруто-домашниот производ и воената и материјално-техничка помош која ѝ ја даваме на Украина во овој критичен период. Точно е дека војната во Украина може да потрае, но ние сме подготвени да продолжиме да помагаме, затоа што сметаме дека одбраната на Украина е одбрана на европскиот и меѓународниот поредок заснован на принципи“, рече Пендаровски.
Министерката Петровска во својот говор рече дека оваа година е јубилејна година во која се одбележуваат 20 години постоење на САД - Јадранската повелба, додавајќи дека иницијативата се докажа како успешен регионален механизам за јакнење на довербата меѓу земјите членки.
„Резултатите од дејствувањето и соработката на оваа иницијатива се повеќе од видливи и широко препознаени. Четири од постојните нејзини членки се полноправни членки на НАТО-алијансата, но заеднички придонесуваме и во поддршка на меѓународниот мир и во меѓународните операции“, рече Петровска.
Свое воведно обраќање имаа и началникот на Генералштабот на Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, и командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа, генерал Кристофер Каволи.
На Конференцијата присуствуваат началниците на генералштабови на армиите на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора, како и високи воени раководители од Здружената команда на НАТО од Неапол и од Командата на САД за Европа.
Од земјите набљудувачи присутни се воени претставници од Словенија и Косово, а како гости на Конференцијата се командантите на националните гарди од сојузните држави на САД, кои се партнери на земјите од А5 и тоа: Вермонт, Минесота, Ајова, Мериленд, Охајо, Колорадо, Њу Џерси и Мејн.