Претседавачот со ОБСЕ, воедно и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, го отвори состанокот на Експертската мрежа на ОБСЕ што се одржува во Скопје.
Министерот Османи рече дека формирањето на Експертската мрежа на ОБСЕ претставува уште една одредница постигната во рамки на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
Тој додаде дека оваа мрежа има за цел да ги истражи бројните динамични трендови на соработка во областа на безбедноста во Европа, нагласувајќи ја клучната на ОБСЕ и тинк-тенковите во обликувањето на политиките во овој критичен домен.
„ОБСЕ е отворена и транспарентна организација. Го цени секое мислење и ги слуша сите заинтересирани страни. Соработката помеѓу тинк-тенковите и ОБСЕ преку оваа мрежа на експерти и на конкретни истражувачки проекти или иницијативи ќе биде доказ за врската помеѓу двете страни. Оваа двонасочна комуникација ќе го зголеми квалитетот и длабочината на анализите презентирани на државите учеснички и различните тела, ќе ги подобри политиките и ќе ги зголеми нивоата на истражување“, рече Османи.
Покрај Османи, свое воведно обраќање имаше и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, која потсети дека оваа средба се одржува на неполни три недели пред одржувањето на 23. Министерски совет на ОБСЕ.
Зборувајќи за безбедносната состојба во регионот на ОБСЕ, таа рече дека улогата што ја има организацијата е поважна од кога и да е, додавајќи дека потребата од единствениот придонес што го нуди ОБСЕ е поголема од кога било досега.
„Фактот дека безбедноста никогаш не е само еднодимензионална, таа е повеќедимензионална, тоа значи дека одговорите што треба да ги дадеме треба да бидат повеќедимензионални. И токму тоа го правиме со нашите теренски мисии, нашите институции и исто така и Секретаријатот во Виена. Без оглед на тоа што можеби сте слушнале за тешкотиите со кои се соочуваме, реалноста е дека ние секојдневно испорачуваме за 1,3 милијарди граѓани низ регионот на ОБСЕ“, рече Шмид.
На дводневниот состанок на Експертската мрежа на ОБСЕ најавено е присуството на голем број претставници на организации партнери на ОБСЕ како и на тинк-тенкови.