Бујар Османи: За неколку дена ќе излеземе со конечен став / Photo: AA

Очекувам сите министри да бидат присутни на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје. Одлуката на ЕУ за санкции за прелети на руски авиони не се однесува на настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ, изјави македонскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи во врска со прашањето на учеството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на министерскиот состанок во Скопје.

„Оттука е одлука на владите да донесат, меѓутоа правен основ во ЕУ има. Е сега таква одлука треба да донесеме ние и една земја најмалку од нашите соседи, Бугарија или Грција за да може да се обезбеди прелет. Меѓутоа, во оваа фаза ги процесуираме барањата, за неколку дена ќе излеземе со конечен став", рече Османи.

Тој нагласи дека се процесуирани сите барања за визи за државите каде што има потреба од визи. Одлуката е на Република Северна Македонија, а кога ќе биде донесена ќе бидат информирани граѓаните.

Прашан дали треба одобрение од НАТО за доаѓањето на Лавров, тој рече дека нема потреба за консултации со НАТО по однос на ОБСЕ бидејќи Алијансата не е страна во организацијата.

„Одлуката е на Република Северна Македонија по однос на присуството, согласно одлуката на ЕУ за санкционирање на одредени лица, нашето приклучување како тоа се реперкуира врз учеството, присуството итн. Затоа, наредните денови ќе излеземе со конечен став како ќе одговориме на барањето за учество на делегацијата, во кое ниво, и во колкав број. Јас реков се надевам дека ќе успееме на крај сите да бидеме присутни во Скопје", рече шефот на дипломатијата.

За тоа што доколку некоја од другите земји члелнки на ОБСЕ се спротивстави на учеството на Лавров, Османи кажа дека и тоа го следат внимателно.

"Јас веќе кажав јавно, една од причините зошто допатував до Киев беше да разговарам и по однос на ставот на Украина во таков услов. Се уште разговараме со сите земји учеснички за да обезбедиме присуство на сите", изјави Османи.

По однос на државниот секретар на САД Ентони Блинкен, повтори дека се очекува негово учество.

"Немам индикации досега дека нема да дојде. Значи, ние се спремаме за доаѓање на државниот секретар на САД", подвлече Османи.

Тој повтори дека во Скопје ќе дојдат 76 делегации, од кои од 57 земји учеснички и останатите се од земји партнери од Медитеранската група и од Азиската група, односно околу илјада членови на делегациите. Потсети на одлуката на Владата донесена вчера, како што рече, на негово барање, 30 ноември да биде неработен ден во Скопје за државната и јавната администрација, основните и средните училишта, но не и за градинките и за здравствените установи, додека 29 ноември, среда работното време да биде до 12 часот.

TRT Balkan / агенции
Популарни