Во понеделникот во Крагуевац беше претставен новиот модел на автомобилската компанија Стелантис- електричниот автомобил Фиат Гранде Панда, чие производство ќе започне во фабриката во Крагуевац за два месеци.
Две години откако претставниците на владата и Фиат Крајслер Автомобили (ФЦА) потпишаа договор за заедничка инвестиција од 190 милиони евра, се е подготвено за производство на нов модел во фабриката во Крагуевац, беше речено на промоцијата на која присуствуваа шефот на Стелантис Карлос Таварес и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Италијанската компанија ФЦА, која го формираше мултинационалниот автомобилски гигант Стелантис со француската групација Пежо-Цитроен, инвестираше 142 милиони евра во новиот проект во Крагуевац, а српската влада ќе го субвенционира со 48 милиони.
Претходно беше најавено дека покрај електричната верзија на Гранде Панда, во Крагуевац ќе се произведува и неговата хибридна верзија.
„Ова е огромна можност за нас, ние сме единствените во регионот на поранешна Југославија кои имаат фабрика за електрични автомобили“, рече Вучиќ, заблагодарувајќи му се на Стелантис што ја избра Србија за нивниот проект.
Вучиќ очекува дека производството на Гранде Панда ќе придонесе за раст на националниот БДП за 0,5 отсто следната година.
Извршниот директор на Стелантис, Карлос Таварес, изјави дека „се отвора ново поглавје на Фиат во Србија“, а производството на електричен автомобил во Крагуевац е пресвртница во бизнисот.
Директорката на фабриката во Крагуевац, Силвија Вернети изјави дека партнерството меѓу таа компанија и Србија започнало пред 16 години со отворањето на Фиат Србија, а од 2022 година се произведени повеќе од 65.000 автомобили од средната класа Фиат 500Л.
Новиот електричен автомобил Фиат Гранде Панда ќе има радиус на движење од 320 километри, а неговата цена би била нешто помала од 25.000 евра.
Во Србија, според специјализираните автомобилски медиуми, автомобилот би можел да чини околу 18.000 евра со најавените државни субвенции, што за домашниот модел би изнесувало 7.000 евра.
Моделот Гранде Панда беше официјално претставен за прв пат во Торино на 11 јули оваа година.