Пријавите од граѓаните ќе се добиваат на полицискиот број 192

Во Србија денеска официјално почна да работи системот кој итно ја алармира јавноста и ја започнува потрагата по исчезнати деца.

Системот наречен Amber alert или „Пронајди ме“ се користи за итно известување на јавноста во случаи на исчезнати деца, а според директорот на Центарот за исчезнати и злоупотребени деца, Игор Јуриќ, ова е прв ваков систем во регионот.

Како што претходно беше најавено, полицијата ќе одлучува за активирање на системот врз основа на нивната проценка кога ќе добие пријава, освен во случај кога ќе се активира автоматски - ако исчезнато дете е во животна опасност, ако станува збор на деца со посебни потреби до 18 години или помлади од седум години.

По прибирањето на основните податоци, дежурната полициска служба ги известува сите полициски службеници за започнување на потрага по исчезнатото дете и на електронската платформа ќе објави известување за неговото исчезнување.

Во ова ќе се вклучат и медиумите кои ќе ја прекинат редовната програма со објавување на слика од исчезнатото дете и релевантни информации, на пример за местото каде што последен пат е видено.

Овие пораки ќе ги испраќаат и мобилните оператори, а пораките ќе ги пренесуваат и компаниите како Патишта на Србија, аеродромот Никола Тесла, како и автобуските и железничките станици.

Во втората фаза, кругот на ширење на информации би ги вклучи трговските центри и социјалните мрежи.

Пријавите од граѓаните би се добивале на полицискиот број 192, а по пронаоѓањето на детето сите пријави се бришат.

Системот го добил името по деветгодишното девојче од Тексас, Амбер Хагерман, кое било киднапирано и убиено.

TRT Balkan / агенции
Популарни