Во Србија значително расте бројот на заразени од Ковид-19     Фото: АА

Во Србија во текот на последните две недели има континуиран раст на бројот на заразени со коронавирусот (Ковид-19) и тоа зголемување за 14 пати- од 273 случаи регистрирани на 13 јуни до 3.912, регистрирани на 19 јули, објави Институтот за јавно здравје на Србија „Др. Милан Јовановиќ Батут“.

Порастот посебно е изразен во текот на јули и во помала мерка е проследен и со зголемување на бројот на заболени кои се на болничко лекување (88 колку што е забележано на 16 јуни, до 250 колку што се забележани на 18 јули), поради што Институтот за јавно здравје препорачува вакцинирање на оние кои тоа не го направиле, а на сите им препорачува носење маска во затворен простор.

Се наведува и дека ризикот од смртност како последица од Ковид-19 е во континуиран пад од ноември 2020 до јуни 2022 година, од кога се одржува на ниво од 0,8 проценти, за што се смета дека е заслужна вакцинацијата.

Наглиот пораст за кој сега известува Институтот за јавно здравје се бележи во Белград и на подрачјето на Западна Србија и Шумадија, во однос на Војводина каде се воочува малку поспор пораст и Источна и Јужна Србија каде ситуацијата е уште релативно мирна со исклучок на одредени општини, како Димитровград, Велина Плана и Бојник.

Експертите од Институтот Батут поради влошената состојба со Ковид-19 во земјата, на сите граѓани кои не се вакцинирани им препорачуваат тоа да го направат, а оние кои се вакцинирани со две дози треба да примат бустер доза на вакцината и тоа првата бустер доза најмалку три месеци од последната вакцинација.

Исто така, независно од вакциналниот статус, на сите граѓани им се препорачува носење заштитни маски и на отворено во ситуации на собири од поголем број луѓе и кога не е можно да се одржува физичка дистанца од два метри, особено во јавниот превоз, во чекалните, канцелариите, лифтовите и другите места каде се собира поголем број луѓе.

Се препорачува зајакнато одржување на хигиената на рацете и респираторни хигиени, а лицата кои имаат зголемен ризик од тешки форми на болеста посебно треба да избегнуваат места каде се создаваат гужви, доколку ги посетуват, се препорачува носење заштитни маски.

TRT Balkan / агенции
Популарни