Во земјите од регионот шест илјади луѓе се без државјанство / Photo: TRT Balkan

Во земјите од регионот има околу шест илјади луѓе без државјанство или лица со неодредено државјанство, а во изминатите 12 години направен е голем прогрес во справувањето со феноменот наречен бездржавјанство, но останува уште многу да се направи за што е потребна силна политичка волја.

Ова е еден од поглавните заклучоци произлезени од денешната меѓународна конференција „Бездржавјанство во Југоисточна Европа, одржана во Скопје, во рамки на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ. Организатори на конференцијата беа Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР), Мисијата на ОБСЕ во Скопје, високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ и Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).

Проценките на УНХЦР покажуваат дека во регионот има околу 6 илјади луѓе без државјанство или лица со неодредено државјанство.

Земјите низ регионот преземаа мерки за да им обезбедат државјанство на овие граѓани, но се уште се потребни дополнителни мерки за да се искорени овој феномен, објасни во своето излагање помошник високиот комесар за заштита при УНХЦР Џилијан Тригс.

Таа рече дека правото на државјанство е основно право и клучно за стекнување други права. „Последиците се тешки за поединците и семејствата доколку немаат државјанство, а тоа се одразува на целото општество. Кога еден сегмент од општеството е лишен од можности да придонесе, тоа обично има негативно влијание врз општествениот и економскиот развој на таа земја. Затоа, ја поздравувам континуираната посветеност на владите во овој регион, постигнат е многу реален напредок“, рече Тригс.

Пад на бројот на лицата без државјанство во Северна Македонија

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, зборуваше за важноста на конференцијата, како и ја поздрави посветеноста на Северна Македонија за елиминирање на бездржавјанството.

„Кога ја презедов функцијата пред 10 месеци, имаше приближно 700 нерегистрирани лица. Но, денес, од утрово, бројките паднаа на 216. Се надевам и верувам дека со континуирана политичка волја и посветеност, ќе успееме да ги намалиме тие бројки на нула до крајот на оваа година“, рече Вал.

Како да се најде решение за лицата без државјанство?

Во изјава за медиумите, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи рече дека целта на оваа конференција е да се најде решение за феноменот на лицата без државјанство на кои им се ускратени основните права.

Според Османи, станува збор за неколку милиони лица во светот.

„Со оглед на тоа што Северна Македонија дури во последната година направи измени на законот за да овозможи системско решение на прашањето за лицата кои се без државјанство, нашата амбиција е да бидеме првата земја во Европа која нема да има свој граѓанин без државјанство“, рече Османи.

TRT Balkan
Популарни