Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека Србија не може да биде дел од НАТО, сѐ додека ги нарушува вредностите врз кои е изграден НАТО.
Османи, коментирајќи ја изјавата на американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, дека Србија „во моментов е многу поблиску до НАТО отколку Косово“, рече дека има само една земја која е подалеку од НАТО од Србија, а тоа е Русија.
„Има само една земја која е подалеку од НАТО од Србија, а тоа е Русија на Путин. Земја како Србија, која постојано ги кршеше главните вредности на кои стои НАТО, односно заштитата од авторитарни сили, заштитата од земји кои ги прекршуваат основните правила на меѓународното право, како што е Србија, не само што е далеку од НАТО, туку и не може ни да сонува дека еден ден ќе биде дел од НАТО“, рече Османи.
Таа рече дека Србија е земја која сè уште „спие на масовни гробници“.
„Секој што смета дека Србија е блиска до НАТО ги навредува не само земјите членки туку и жртвите на Србија на Милошевиќ“, рече Османи и додаде дека „Србија е земја која изврши акт на агресија врз Република Косово пред неколку месеци и постојано се обидува да ја уништи Босна и Херцеговина одвнатре, а истото го прави и со Црна Гора“.
Истовремено, американскиот амбасадор во Косово, Џеф Ховениер, изјави дека Вашингтон го поддржува патот на Косово кон НАТО и очекува официјална Приштина еден ден да биде членка на Алијансата.
„Сакам да ги побијам оние кои сакаат да прават споредби кој каде е“, рече Ховенје. Тој потсети дека четири земји од НАТО се уште не го признаваат Косово и дека овој предизвик треба да се надмине за да се постигне членство.