Со веста за нејзината смрт во сообраќајна несреќа во четвртокот заврши десетдневната меѓународна потрага по двегодишното девојче Данка Илиќ од Бор, чие исчезнување беше пријавено во вторникот на 26 март.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на вонредна седница на владата објави дека Данка е убиена и дека се уапсени две лица, а медиумите, повикувајќи се на полициски извори објавија дека девојката била удрена од автомобил на локалното комунално претпријатие. Двајцата комуналци наместо да го пријават инцидентот ја ставиле Данка во гепек и ја фрлиле на блиска депонија.
„Имаме лоши вести... Убиена е Данка Илиќ. Полицијата уапси две лица кои го извршија убиството…Со какви монструми имаме работи,“ изјави Вучиќ.
Српското МВР во меѓувреме објави дека се уапсени двајца осомничени за убиството на Данка.
„Припадниците на МВР по десетдневна опсежна акција и детални проверки на сите индиции и информации ги уапсија С. Ј. (1974) и Д. Д. (1974), двајцата од Бор, поради сомнение дека го убиле двегодишното девојче Данка Илиќ. Двајцата осомничени во целост го признале извршувањето на ова кривично дело, а во тек е претрес на теренот за потрага по телото.Полицијата продолжува интензивно да работи на овој случај за што навремено ќе ја информира јавноста“, рекоа од полицијата.
Српските медиуми, повикувајќи се на неофицијални полициски извори, објавија дека се уапсени двајца вработени во јавното комунално претпријатие „Водовод“ од Бор, осомничени за нејзината смрт.
Криминалистичката полициска истрага укажува дека на 26 март во 13.52 часот, само седум минути по исчезнувањето на девојчето, според пријавата на мајката, двајцата со службено „фиат пунто“ налетале на девојчето на патот и ја убиле. Потоа го ставиле телото во багажникот и го оставиле телото во дива депонија кај Бор, објавија медиумите.
Како што дознава Блиц, двајцата од почетокот биле осомничени, но се чекале резултатите од ДНК анализата и други материјални докази.
Неофицијално, се дознава дека возилото во кое се наоѓале осомничените Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ има ГПС систем за следење, а преку него е утврдено дека телото го фрлиле на депонијата кај Старобањско пут, на неколку километри од местото каде го удриле девојчето.
Според планот за работа на компанијата, се знаело кој го возел автомобилот во критичното време, а тоа било потврдено и со проверка на базните станици.
„ГПС покажа дека таму се задржале половина минута, вели изворот на Блиц.
Во автомобилот биле пронајдени траги од крв, по што била извршена ДНК анализа и потврден идентитетот на исчезнатата Данка Илиќ.
„Телото на девојчето прво го закопале со отпад, а потоа си заминале и се договориле темелно да го исчистат автомобилот со киселини и хемикалии за да се отстранат трагите од крв. Само со форензичка анализа и употреба на специјални светилки успеале да утврдат траги од крв. Подоцна било утврдено дека крвта е на Данка,“ пишуваат српските медиуми.
Осомничените, наводно, во неколку наврати се враќале на депонијата за дополнително да го закопаат телото.
Потрагата по двегодишната Данка Илиќ започна на 26 март, кога за прв пат во Србија беше активиран системот „Пронајди ме“, а во потрагата неколку дена подоцна се вклучи и Интерпол.
Трошка надеж дека девојчето е живо се појави по видеото од трамвајската постојка во центарот на Виена од саботата на 30 март, на кое се гледа девојка слична на Данка Илиќ со две жени, па во истрагата се вклучи и австриската полиција.
Неколку часа пред веста за нејзината смрт, српското МВР добило официјално известување од полицијата од Виена, која со проверки и идентификација на лицата од видеото утврдила дека не се работи за исчезнатото српско девојче.