Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека до крајот на неделата се очекуваат нови оставки поради несреќата во Нови Сад и го повика надлежното обвинителство да соопшти до каде е истрагата.
„Мислам дека до крајот на неделата би можеле да имаме нови вести за оваа работа. Не станува збор за трка со времето, за некакво исполнување на норма. Овие одлуки се носат со ладна глава и не можат да се носат со емоции, кои секако се присутни“, изјави Вучевиќ.
Според него, носењето вакви одлуки не значи дека нешто технички се „одработува“, туку се одлучува за прашањето за објективна политичка одговорност.
Вучевиќ го повика Обвинителството да соопшти до каде е истрагата.
„Би сакал, исти како и претседателот на Републиката Александар Вучиќ, да замолам, почитувајќи ја независноста на функцијата на обвинителството, надлежното обвинителство да излезе со информации до каде се дојдени истражните дејствија, за да може српската јавност да се увери дека Обвинителството работи на тоа“, рече Вучевиќ.
Тој додаде дека големо прашање е дали несреќата е предизвикана од не чинење на нешто или од неправилности или комбинација од двете и дека не станува збор за прашање од политички карактер, туку бара техничка анализа.
„Секако дека некој е виновен. Некој мора кривично да одговара. На обвинителството нема да му биде лесно. Обвинителството мора да каже до каде стигнало. Мислам дека 36 лица се сослушани. За политичката одговорност, која не е субјективна, ќе разговараме во наредните денови“, рече Вучевиќ.