Мандатарот на новата српска влада Милош Вучевиќ истакна дека Србија и натаму ќе биде партнер на Северна Македонија и повеќе од тоа.
Тој во експозето на собраниската седница за избор на новата влада и министри, најави дека таа ќе биде континутет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ.
„Србите и Македонците повеќе немаат ниту една тема што ги оддалечува. Не постои ниту едно прашање околу кое може да се раздвоиме или околу кое би можело да се направи раздор. Проектот Отворен Балкан дополнително не зближи, а разрешувањето на црковниот спор, ја тргна и последната пречка на патот на изградбата на меѓусебната доверба и зедничката работа каква не е видена од распадот на поранешна Југославија“, истакна мандатарот за формирање Влада на Србија.
Во однос на неговите политики како премиер на Србија посочи дека „владата ќе продолжи да води надворешна политика заснована на политичка независност и воена неутралност, а полноправното членство во ЕУ останува стратешка цел“.
Тој додаде дека идната влада „ќе направи се за да го спречи приемот на лажната држава на Косово“ за членство во ЕУ во Советот на Европа (СЕ), иако призна дека „шансите за тоа не се големи“ и дека „Владата на Србија ќе биде принудена да одговори соодветно“ доколку Косово биде прифатено како членка на СЕ.
Во поглед на Русија, Вучевиќ потенцираше дека Србија нема да воведе санкции кон Русија и „нема да се откаже од пријателството со неа“ и го истакна стратешкото партнерство на Србија со Кина, кое во текот на оваа година ќе биде крунисано со ратификација и стапување во сила на Договорот за слободна трговија.
Кога станува збор за регионот, Вучевиќ во експозето истакна дека придонесот на Србија за зачувување на мирот и стабилноста ќе биде активен и континуиран.
На седницата на Собранието на Србија мнозинството пратеници на СНС-СПС и коалициските партнери од помалите партии по експозето на Вучевиќ ќе гласаат за избор на новата коалициска влада на СНС-СПС која ќе има 25 министерства и 31 член.