Над 30.000 луѓе во Србија работат во компании основани со капитал од Италија, рече Вучевиќ / Photo: Milos Vucevic Facebook

Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави денеска дека Бизнис форумот „Србија-Норд-Ест-Италија- регионално поврзување на бизнисмените“ е вовед во заедничката седница на владите на Србија и Италија, која ќе биде одржана на 31 јануари.

„Таа средба треба да ни даде нова сила, нова енергија на севкупните српско-италијански односи, секако и на полето на економијата“, рече Вучевиќ во своето обраќање.

Тој истакна дека овој бизнис форум е доказ дека односите меѓу двете земји се во нагорна линија и клучната порака на српската Влада и претседателот Александар Вучиќ е дека Србија ќе ја зачува стабилноста и мирот на државата и на регионот и ќе го продолжи забрзаниот пат кон европската интеграција.

„Целта на Владата на Србија е да ги донесе сите потребни акти до крајот на 2026 година и да спроведе целосна реформа и во однос на агендата за раст и планот за раст и оти во однос на Србија да направиме сѐ што можеме “, рече Вучевиќ.

Тој додаде дека Италија е присутна и на српскиот пазар по големиот број компании кои работат.

„Над 30.000 луѓе работат во компании основани со капитал од Италија, имате доминација на италијанските компании, пред се во банкарскиот и осигурителниот сектор. Верувам дека со отворањето на Србија кон Европа и светот, ќе бидеме уште поатрактивни за инвеститорите кои доаѓаат. И јас верувам дека овој форум е суштината на тоа“, изјави Вучевиќ.

Тој посочи дека српските производи треба да бидат поконкретни на италијанскиот пазар и дека оваа средба е една алка во синџирот на сè што прават заедно Србија и Италија .

Вучевиќ истакна дека Србија доби кредитен инвестициски рејтинг и за прв пат признание од меѓународните агенции кои ги оценуваат финансиите и целокупната економија на една земја.

„Србија не е членка на ЕУ, не е членка на ниту еден воен сојуз. Има отворена комуникација со азиските и африканските земји во тешки геополитички околности, а сепак успеа да добие кредитен инвестициски рејтинг, што е сигнал за инвеститорите дека Србија е добро место и сигурна куќа за нивниот капитал“, рече тој.

Вучевиќ истакна дека Србија годинава ќе биде меѓу првите четири земји во Европа и дека се очекува растот на БДП да биде од 3,8 до 4,0 отсто, а целта за следната година е тој раст да биде 4,2 отсто.

„Ние само ја ставивме инфлацијата во целните коридори од околу 4,0 проценти оваа година и 3,5 проценти следната година, со што се согласува и Европската комисија“, рече тој.

Тој посочи дека Србија има рекордно ниска стапка на невработеност од 8,2 отсто и дека таа ќе продолжи да се намалува.

TRT Balkan / агенции
Популарни