Вучиќ: Јасно е дека ќе бидат одржани предвремени парламентарни избори / Photo: AA

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ вечерва изјави дека е подготвена да поднесе оставка во секој момент и дека излез од кризата ги смета парламентарните избори, додека претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека е јасно дека ќе има предвремени избори, прашање на месец е кога ќе се случат.

„Сметајте на мојата оставка, ја имате на маса“, рече Брнабиќ и додаде дека за тоа треба да одлучи претседателот.

Вучиќ рече дека ќе продолжи да чека претставниците на опозицијата да дојдат на разговорите, но дека му е јасно дека сакаат некои други работи.

„На разговорите ќе очекуваме да се појават некои кои ќе покажат минимум одговорност и верувам дека допрва ќе најдеме соговорници, доколку не одиме на избори“, рече Вучиќ на заедничката прес-конференција со Брнабиќ во Белград.

Тој додаде дека е подготвен да разговара за распишување уште некои градски и општински избори.

Брнабиќ рече дека изборите се единствениот начин да се дојде на власт во демократските општества, додека Вучиќ рече дека „нема да има преодна влада“.

Вучиќ се осврна и на протестите и рече дека ги разбира луѓето кои излегоа на улица да протестираат, но дека има презир кон политичарите кои не се заинтересирани за борба против насилството, туку за „злоупотреба на трагедијата што ја погоди Србија“.

Тој вечерва изрази благодарност до Србите од Косово што на мирен и достоинствен начин се борат за своите права, најавувајќи дека од петок до недела ќе разговара со претставниците на Српската листа.

Брнабиќ: Предадени 62.801 парче оружје

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ на прес-конференцијаа говореше за мерките кои Владата ги презеде по двете масовни пукања, во Основното училиште „Владислав Рибникар“ и во околина на Младеновац, изјавувајќи дека се одредени уште 1.200 училишни полицајци, дека е подготвен нацрт-закон со кој се предвидува мораториум на носењето на огнено оружје во рок од две години и дека се подготвени измени на кривичниот законик.

Таа рече дека Министерството за внатрешни работи на 5 мај почна со ревизија на дозволите за оружје, дека е извршена контрола на околу 5.500 сопственици на оружје и поднесени се 116 барања за покренување на прекршочната постапка поради несовесно чување на оружје.

TRT Balkan / агенции
Популарни