Со највисоки државни и воени почести денеска во Србија беше пречекан кинескиот претседател Кси Џинпинг, кој со Претседателот на Србија, Александар Вучиќ потпишаа Заедничка изјава за продлабочување и подигање на сеопфатното стратешко партнерство и градење на заедницата на Србија и Кина со заедничка иднина во новата ера.
Главната порака која ја испратија двајцата претседатели е „Заедничко челично пријателство“ меѓу Кина и Србија.
„Заеднички објавивме дека ќе изградиме заедница меѓу Кина и Србија со заедничка иднина во новата ера, што ќе отвори ново поглавје во историјата на кинеско-српските односи. Пред осум години Србија стана првиот сеопфатен стратешки партнер на Кина во централна и источна Европа денеска станува првата европска земја каде што ќе изградиме заедница со заедничка иднина“, рече Кси во говорот по размената на потпишаните меѓудржавни договори меѓу Србија и Кина во Палатата Србија.
Тој посочи дека, како вистински пријатели и добри партнери, Кина и Србија уживаат политичка доверба која е силна како карпа.
„Ќе работиме заедно со Србија за да ги браниме нашите основни и долгорочни интереси. Челичното пријателство на нашите две земји само се зајакна, дури и во оваа променлива меѓународна динамика“, рече кинескиот претседател.
Вучиќ рече дека денес се пишува историја и дека за неколку години сите ќе се сеќаваат на овој ден.
„Како што имаме јасни ставови за кинескиот интегритет, дека Тајван е Кина, така и тие ја поддржуваат територијата на Србија без никаква резерва. Беа со нас во најтешките моменти, беа со нас и пред 25 години кога оваа земја беше рушена и бомбардирана, заедно со нас платија висока цена, и изгубија луѓе на денешен ден“, нагласи српскиот претседател.
Тој рече и дека добил гаранции од Џинпинг дека Србија ќе има цврста поддршка од Кина во Обединетите нации.
„Претседателот Кси вели дека среќата не паѓа од ведро небо. Работевме навистина напорно за да ја развиеме нашата врска. Кина е нашиот најголем инвеститор, извозот ни се зголеми за 140 пати во последните десет години, нашата трговска размена се зголеми за осум пати. Потпишавме заедничка изјава, таа изјава е стратешки важна насока. Од стратешки односи преминуваме во заедница која зборува за заедничка иднина“, рече Вучиќ.
Тој оцени дека договорот за стратешко партнерство од 2016 година значително придонел за економскиот напредок и истакна дека три кинески компании- железарницата Хбис и рудниците за бакар и злато Зијин се најголеми извозници од Србија.
„Благодарение на индустриската соработка и соработката во развојот на инфраструктурата, тоа ја подигна и ја обнови нашата земја. Договорот за слободна трговија широко ја отвори вратата за напредок на Србија“, рече Вучиќ.
Кинескиот претседател е во дводневна посета на Белград.
Ова е втора посета на Џинпинг на Белград изминатите осум години, а по пристигнувањето во Белград тој изрази уверување дека посетата „ќе биде плодна и ќе отвори ново поглавје во односите меѓу двете земји“.