Преку иницијативата Отворен Балкан, според македонскиот премиер Ковачевски, се поврзуваат економиите од земјите од регионот, се отвораат нови пазари, нови пласмани ,се обезбедува простор за размена на нови идеи, технологии, пристапи во работата.     Фото: Влада на Северна Македонија

Иницијативата „Отворен Балкан“ е нашата заедничка шанса за подобра иднина и животен стандард за нашите држави и нашите граѓани. Сублимирано, ова е пораката што ја упатија лидерите на земјите од Иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија Еди Рама на состанокот во Белград.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ им посака добредојде во Белград на премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски и на премиерот на Албанија Еди Рама, истакнувајќи дека иницијативата „Отворен Балкан“ е важна и отворена иницијатива.

Ковачевски: Отворен Балкан го го стимулира економскиот развој на регионот

Преку иницијативата Отворен Балкан, според македонскиот премиер Ковачевски, се поврзуваат економиите од земјите од регионот, се отвораат нови пазари, нови пласмани ,се обезбедува простор за размена на нови идеи, технологии, пристапи во работата.

„Многу сум среќен што гледаме како во пракса функционира иницијативата Отворен Балкан - главна цел е да го стимулираме економскиот развој на регионот. Многумина ме прашуваат дали Отворен Балкан е политичка иницијатива, а ние упорно говориме дека тоа е економска иницијатива“, рече Ковачевски и додаде:

„Во ова време на светска криза, најтешка досега, кога сите држави во светот се пред предизвикот да ја обезбедат егзистенцијата на своите граѓани, поради последиците од војната во Украина и пандемијата, доаѓа до израз вистинското значење на Отворен Балкан.“

Рама: Отворен Балкан е производ на мирот

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека „Отворен Балкан“ е иницијатива за соработка која е многу повеќе од економија и трговија и далеку повеќе од политика.

„Отворен Балкан е производ на мирот кој ќе биде одржлив, проект на единство во мирот со визија за иднината, така да ова мало соседство во срцето на Евроа нема да пати повеќе од останувањето во минатото, туку ќе стане место за иднината за нашите млади“, рече Рама.

Потпишување договори

Лидерите на земјите на иницијативата Отворен Балкан, Вучиќ, Ковачевски и Рама, во Белград, ќе потпишат договор кој ќе ја регулира соработката во областите на прехранбената безбедност.

Два најважни делови од тој документ ќе се однесуваат на гаранциите дека Србија, Северна Македонија и Албанија ќе имаат приоритет во меѓусебната размена на основните намирници за егзистенција, за да населението на тие змеји има доволно храна во кризните ситуации, како и на механизмите за спречување на реекспорт на храна на трети пазари.

Проекти во областа на енергетиката

Министерката за рударство и енергетика на Србија, Зорана Михајловиќ, во Белград изјави дека иницијативата „Отворен Балкан“ претставува можност Србија, Албанија и Северна Македонија заедно да реализираат проекти во областа на енергетиката, пред се кога станува збор за нови капацитети и јакнење на енергетската безбедност.

Според министерката Михајловиќ, иницијативата „Отворен Балкан“ е одлична можност за поврзување и соработка.

„Денес доаѓаат претседателите на владите на Албанија и Северна Македонија, ќе бидат потпишани и неколку договори. Имаме заедничка енергетска кризна група за која разговаравме неодамна во Тирана“, рече Михајловиќ.

Таа наведе дека еден од нив е гасовод кој ќе чини околу 20 милиони евра, со капацитет 1,4 милијарди кубни метри гас, а се разговара и за можностите да се гради заедничка соларна електрана.

Кога станува збор за соработка со Албанија и изградна на нов ЛНГ терминал, таа рече дека се разговара за можностите и Србија да биде дел од тој проект.

TRT Balkan / агенции
Популарни