Вучиќ: Можно е Охридскиот договор да стане услов за прием во ЕУ / Photo: AA Archive

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека постои можност Охридскиот договор да стане дел од преговарачкото поглавје 35, а со тоа и услов за прием на Србија во Европската унија.

Вучиќ истакна дека јасно кажал „што не може да прифати“.

„Прво, да видиме што ќе се случи, бидејќи не можат да игнорираат нешто за кое разговарале со мене. По секоја нивна посета, по Охрид, јас излегував и јасно кажав што прифаќаме, а што не, бидејќи и мојата вербална експлицитна изјава е став на државата и преку тоа не може да се оди“, изјави Вучиќ во интервју за НИН.

Тој нагласи дека и на пратениците во Собранието на Србија им рекол дека приемот на Косово во Обединетите нации не доаѓа предвид, наведувајќи дека за тоа ги известил „Французите, Германците, Италијанците, сите Европејци“. Сите знаат се“, нагласи претседателот на Србија.

Вучиќ рече дека двете земји „силно притискаат“ Охридскиот договор да стане дел од преговарачкиот процес. „Не е мое сега да кажам кои две земји силно го туркаат тоа, не сум сигурен дали тоа го сакаат и другите, па ќе видиме“, рече Вучиќ.

Зборувајќи за претстојните избори, Вучиќ рече дека листата на Српската напредна странка убедливо ќе победи на 17 декември и дека „останува да се види“ кој ќе биде премиер.

„Луѓето во СНС размислуваат за најмалку два предлози. И јас размислувам, но ниту еден од тие предлози за премиер засега не е Ивица Дачиќ“, рече тој, одговарајќи на новинарско прашање. Тој додаде дека не може да се снаоѓа во кохабитација и дека ќе и честита на опозицијата доколку победи на изборите.

„И веднаш ќе кажам дека сум подготвен да разговараме за да видиме дали ќе одиме на претседателски избори во мај или во септември 2024 година, бидејќи знам дека вака нема да можам да постигнам сериозни резултати и тука е крајот на приказната“, рече Вучиќ.

Сепак, тој посочи дека СНС на овие избори ќе освои апсолутно мнозинство и дека нема да и требаат ни малцински партии за да формира мнозинство.

„Ние самите ќе имаме апсолутно мнозинство, освен ако нешто не се случи во последните девет дена. На последните палраментарни избори добивме 42 отсто, а сега ќе добиеме значително повеќе“, рече Вучиќ.

На прашањето за родителите на убиените деца во ОУ „Владислав Рибникар“, Вучиќ рече дека е „целосно на нивна страна“.

„И јас сум за тоа да биде меморијален центар, засекогаш да биде обележан. Ги примив сите, слушав друга група родители, кои имаат дијаметрално спротивни барања. Сè што можевме, направивме. Згрозен сум од тие што направија политичка кампања на тоа. Тоа повеќе кажува за нив отколку за нас“, изјави Вучиќ.

TRT Balkan / агенции
Популарни