Српскиот претседател Александар Вучиќ по разговорите со специјалниот пратеник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот Белград - Приштина, Мирослав Лајчак и претставникот на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека „е јасно оти околу автомобилските таблички и некои поголеми прашања во Косово не може да се постигне компромисно решение.“
Во видеопораката што ја објави на социјалната мрежа Инстаграм, Вучиќ рече дека вториот дел од разговорот со Лајчак и Ескобар, кој се одржа вчера, завршил 15 минути по полноќ.
„Верувам дека во наредните денови, кои се пред нас, ќе успееме барем во мал дел да постигнеме компромисно решение, бидејќи е јасно дека во однос на табличките и некои поголеми прашања, до такво решение не може воопшто да се дојде“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека дури и она на што се надева „не е сигурно“ и дека се потребни многу гаранции и уште многу работа.
„Во наредните денови ќе работиме напорно за да се обидеме да го обезбедиме и зачуваме мирот за нашиот народ, а во исто време, да обезбедиме иднина за опстанокот на Србите на Косово и Метохија“, рече Вучиќ.
На состанокот присуствуваа и американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил и амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануел Жиофре.
Вучиќ вчера попладне се сретна со Лајчак и Ескобар, по што изјави дека разговорите „не биле лесни“ и дека ќе продолжат доцна навечер.