Вучиќ денеска се сретна со амбасадорите на земјите од Квинта - Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, како и со шефот на делегацијата на Европската Унија     Фото: АА

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретна со амбасадорите на земјите од Квинта - Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, како и со шефот на делегацијата на Европската Унија, а единствена тема на разговор била најновата ескалација на насилството на Косово.

„Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази големо незадоволство и загриженост поради фактот дека еден дел од меѓународната заедница продолжува да ги толерира едностраните потези на Приштина, кои доведуваат до насилство над српската заедница, што резултира со сè помал број на опции кои би можеле да доведат до постојан мир и стабилност во регионот“, се наведува во соопштението од Кабинетот на српскиот претседател.

Се додава дека Вучиќ ги информирал соговорниците за хронологијата на настаните во текот на вчерашниот ден во кои беа повредени голем број припадници на српската заедница, кои се собраа да го изразат своето незадоволство поради упадот на силите на Албин Курти во српските згради, но и поради разнишаната доверба во КФОР кој и покрај дадените гаранции, не ги заштити Србите и не го спречи незаконското и насилно преземање на општините.

Претседателот на Србија потсети дека навремено и упорно предупредувал за ваквиот развој на ситуацијата, како и за последиците кои можат да доведат до неказнето однесување на институциите во Приштина, кои не само што не ги исполнуваат своите обврски, туку редовно преземаат еднострано насилни дејствија врз српската заедница во Косово, со бројни и чести инциденти, кои резултираа со повреди, тепања, малтретирање и отворена дискриминација на Србите.

„Вучиќ порача дека е крајно време дел од меѓународната заедница конечно да реагира остро, јасно и недвосмислено на политиката на приштинските институции и да ги заштити Србите од сè посилните притисоци и бруталното насилство што се врши пред очите на сите механизми, чија улога, меѓу другото, е да ја заштити таа заедница“, се истакнува во соопштението.

Српскиот претседател изрази жалење за повредените војници на КФОР, но посочи дека се повредени многу поголем број Срби, дека против нив било употребено огнено оружје и голема физичка сила, иако уште од самиот почеток пружиле ненасилен отпор.

Вучиќ додал дека во сегашната ситуација од клучно значење е зачувување на мирот, но и дека најважна е безбедноста на српската заедница на Косово и Метохија, како и дека од тој аспект, ги очекува земјите од Квинта, кои имаат најголемо влијание врз Приштина, итно да усвојат и спроведат одредени мерки кои би ја гарантирале безбедноста на Србите на Косово, што е предуслов за секој понатамошен разговор со претставниците на институциите во Приштина.

Вучиќ истакна дека косовскиот премиер Албин Курти мора да ги повлече специјалците, бидејќи Србите никогаш нема да ја прифатат неговата окупација.

„Се надевам дека ќе успеете да го вразумите Курти да ги повлече своите сили и личните градоначалници од северот“, рече претседателот Вучиќ.

Тој нагласи дека Србија ќе ја продолжи комуникацијата со претставниците на НАТО/КФОР со најдобра верба да се зачувува мирот и стабилноста.

„Амбасадорите на Квинта и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија ја изразија својата загриженост за ескалацијата на насилството и нападите врз војниците на КФОР. Побараа враќање на дијалогот со цел изнаоѓање политички излез од ситуацијата“, се заклучува во соопштението.

AA
Популарни