„Со заканите дека ќе спроведува акции поврзани со пререгистрацијата на возилата режимот во Приштина ја загрозува стабилноста, мирот и опстанокот на српскиот народ во Косово”, смета српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој на прес конференција по денешната седница на Советот за безбедност рече дека Белград инсистира на таблички со ознаката КС за Србите на Косово и дека тие таблички се неутрални додека Приштина спротивно на сите договори бара само таблички со ознака РКС.
„Подготвени сме да продолжиме со дискусиите и преговорите, се договоривме да направиме се што е во наша моќ за да ја зачуваме стабилноста, но ќе бидеме со српскиот народ доколку биде нападнат и веруваме дека ќе има доволно мудрост во Приштина и тие кои ги поддржуваат во секоја одлука што ја донесоа да не одат против мирниот српски народ кој само сака да биде свој на своето“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека на седницата на Советот за безбедност се разговарало и за француско-германскиот план кој го поддржуваат и САД. И дека во рок од 24 часа ќе ги запознае со одговорот што го подготвила Србија.
„Има работи што не можеме да ги прифатиме, а за ова ги известивме и претставниците на највисоките држави“, изјави Вучиќ.
Состанокот на Советот за национална безбедност беше закажан откако претставници на Српската листа побараа итна средба со Вучиќ поради најавата на косовскиот премиер Албин Курти дека од 1 ноември повеќе нема да важат српските регистарски таблички на автомобилите.
Рокот што го постави Приштина за пререгистрација на регистарските таблички на Косово истекува на 31 октомври, а косовскиот премиер Курти изјави дека тој рок нема да биде продолжен.