Вучиќ: Србија нема да испраќа воени сили на Косово / Photo: AA

Претседателот на Србија Александар Вучиќ порача дека нема намера да и нареди на војската да ја премине границата со Косово, додавајќи дека ќе ги повлече силите од тоа подрачје, бидејќи, како што наведе, ескалација на судирот би била контрапродуктивна кога станува збор за аспирациите на Србија да стане членка на Европската унија (ЕУ).

Вучиќ изјави дека тоа не би било од корист за Белград и дека со тоа би ја уништиле позицијата која, како што рече, ја граделе година дена. „Тоа да се уништи за еден ден? Србија не сака војна“, наведе Вучиќ, пренесоа медиумите во Србија.

Гласногововрникот на Советот за национална безбедност на Соединетите Американски Држави (САД) Џон Кирби, во петокот изрази загриженост на Вашингтон поради, како што рече, „големото распоредување на српските трупи долж границата со Косово“, повикувајќи го Белград да ги повлече своите сили.

Кирби рече дека САД „го следат големото воено распоредување на Србија долж границата со Косово“, кое се случувало во текот на минатата недела, вклучувајќи напредна артилерија, тенкови и механизирани пешадиски единици. Според српските медиуми, Вучиќ додаде дека предупредувањата на Вашингтон се несразмерни, бидејќи бројот на припадници на српските сили на теренот се намалува. Владата на Косово вчера соопшти дека бара од Србија веднаш да ги повлече своите единици од границата со Косово.

„Воените единици на војската на Србија во текот на вчерашниот ден поставија свои воени капацитети, како и оние на жандармеријата преку 48 предни операциски бази, кои се поставени преку граничниот премин со Република Косово, неколкумина колометри во рамките на територијата на Србија. Тука се наоѓаат и против-воздушните системи како и тешка артилерија“, се наведува во соопштението на косовската влада. Се тврди дека распоредувањето го загрозува територијалниот интегритет на Косово и меѓународно военото присуство во земјата.

„Многу пати привлекувавме внимание и загриженост за постоењето на овие 48 напредни воени бази и српската жандармерија и го истакнавме сега потврдениот факт дека овие бази се користат за поддршка на можен агресивен воен напад врз Република Косово“, се вели во соопштението.

Во нападот на група Срби на 24 септември, кои ги предводеше потпретседателот на Српска листа Милан Радоичиќ, убиен е косовски полицаец, а потоа полицијата на Косово, како што наведоа, во „антитерористичка акција“ ликвидираше четворица напаѓачи и уапси шестмина. Останатите, како и Радоичиќ, побегнаа за Србија.

TRT Balkan / агенции
Популарни