Претседателот на Србија Александар Вучиќ во своето обраќање до јавноста рече дека веќе утре очекува нови оставки во Владата и во други институции поради несреќата на железничката станица во Нови Сад.
Тој рече дека е сигурен оти надлежното обвинителство во најбрз можен рок ќе преземе мерки.
„Најпрво сакам уште еднаш да изразам сочувство до семејствата на жртвите по повод трагедијата во Нови Сад. Сакам да кажам дека државата, иако знам колку непримерно звучи во овој момент, кога некој ги загуби своите најблиски, ќе помогне колку што е можно. Очекувам веќе во текот на утрешниот ден нови оставки, и во владата и на други места“, рече Вучиќ.
Тој посочи дека сака да му порача на народот на Србија дека одговорноста не може да се избегне.
„Понекогаш поднесувате одговорност и политички и морално и кога сте целосно невини и кога сѐ се случува случајно, но мора да има значителна одговорност во кривичното право, бидејќи 15 лица не загинале поради сопствена вина и неодговорност, туку затоа што некој не си ја завршиле работата доволно валидно и во согласност со законот“, изјави Вучиќ.
Според него, она што претставува проблем во деновите што следат е фактот што некои успеаја, не со својата политика, туку со страв, да ја запрат Србија.
„Никој не сака да потпише ништо. Не можете да добиете никаков акт“, рече Вучиќ, истакнувајќи дека граѓаните треба да ѝ веруваат на државата, која, како што рече, ќе ги најде одговорните.
Тој рече дека се труди да преземе поголема одговорност од кога било, за да може земјата да оди напред.
„Му кажав и на премиерот Милош Вучевиќ, тоа не е проблем. Се што е потребно до крајот на мојот мандат, префрлете вр мене. Само Србија не смее да запре“, рече Вучиќ.
Претставниците на опозицијата бараат идентификација и кривично гонење на одговорните за падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, во кој на 1 ноември загинаа 15 лица. Двајцата тешко повредени се уште се под постојана медицинска нега во Универзитетскиот клинички центар во Војводина и се во тешка животна состојба.
Вучиќ се осврна и на европскиот пат на Србија.
„Со Експо имаме уште една цел, а тоа е да ги исполниме сите критериуми за членство во Европската унија до крајот на 2026 година. Не велам дека ќе влеземе, туку да ги исполниме сите критериуми“, изјави Вучиќ.
Тој посочи и дека целта е Србија во 2027 година да достигне бруто домашен производ (БДП) по глава на жител од 15.250 евра, додавајќи дека оваа цел ќе се постигне со високи стапки на раст и ниска инфлација, што, како што рече, нема да надминува 3,5 проценти.
Тој потсети дека стапката на невработеност во Србија во 2012 година изнесувала 26 отсто, а денеска е падната на 8,2 отсто.