Иселување на младите, невработеноста, ниски плати, високи трошоци на животот… Жителите на Вуковар како и остатокот на Хрватска, Европа и светот ги мачат истите проблеми, а тука уште се и старите рани кои тешко зацелуваат. Тие се длабоко врежани и тешко да се искоренат. Посебно се болни за семејствата кои тие во 1991 година го загубија член на семејството, пријател, сосед, а такви има многу.
Ќе треба време и време. Можеби односите во Вуковар ќе бидат поинакви кога ќе одраснат децата чии детства се посреќни, со убави спомени. А можеби не ниту тогаш. Бидејќи и помладите генерации, децата која одат во училиште под ист кров, а кои физички се одвоени, со две наставни програми - хрватски и српски, веќе сега знаат што се поделби.
Филип Сушац, заменик градоначалникот на Вуковар, потсети дека поминале 31 година од војната.
„Градот е нов феникс. Градот, кој од потполно уништување се издигна, денес е еден убав европски град и пример, град со кој можеме да се гордееме. Ако ја анализираме постоечката комунална и спортска и инфраструктура во градот, постоечките услови кога станува збор за образованието и спортот и останатите фактори кои се важни за општествен живот на обичен граѓанин, Вуковар е град кој сето тоа го нуди и горди сме на тоа“, појасни Сушац.
Помина 31 година од падот на градот, 18 ноември 1991 година, под контрола на окупациските сили на српските паравоени формации и тогашната Југословенска народна армија (ЈНА).
„Иако поминало повеќе од 30 години, Вуковар е град кој има своја рана, град кој живее со својата рана и тажна но горда судбина“, порача Сушац.
По војната во Хрватска, како и во Босна и Херцеговина, често ги слушаме зборовите: соживот, заедништво и толеранција. И Вуковар, чии слики во текот на војната во време на распадот на поранешна Југославија го обиколија светот, или градот херој, како што го нарекуваат, се обидува да ги обедини симболите на заедништвото.
Меѓутоа, Сушац вели дека прашањето на заедништвото и толеранцијата може да се гледа од два аспекти, животот на обичниот човек и политиката.
„Кога зборуваме за Вуковар како град херој, како симбол на Татковинската војна, за град како симбол на отпорот, можеме да кажеме дека има заедништво, национално заедништво. Кога зборуваме за толеранција во Вуковар, можеме да ја поделиме на две конотации. Имаме една реална, човечка и една политичка. Што се однесува до човечката, луѓето како и во сите градови живеат, имаат свои работи, бизнисмените работат со цел остварување профит. Кога зборуваме за тие работи, не гледаме никаква поделеност во однос на прашањето на националната конотација“, појасни Сушац.
Меѓутоа, како што рече, кога се говори за политичката нота на градот Вуковар, за жал, секогаш се протнува националната политика која ги крева тензиите.
Сушац вели дека „можат да простат, но не и да заборават.“
„Градот Вуковар и жртвите никогаш не можат да се заборават. Мораме да простиме, но некои работи. За жал, политиката не реши кога требаше да решава. Зборувам за годините од 1998 до 2005 година, прашање на границата помеѓу Србија и Хрватска, воените досиеа, судењата, казните одговорностите…“, наведе Сушац.
Градот е поделен помеѓу Хрватите и Србите, помеѓу минатото и иднината, војната и мирот. Градот е поделен помеѓу простувањето и заборавот. Ученици од хрватска и српска националност. Училница до училница, во една Хрвати, во друга Срби.
„Ние во Вуковар силно се залагаме дека е време сите деца да почнат да одат во заеднички училишта. Сметаме дека ова е единствениот камен на сопнување што навистина носи одредено ниво на раздор, имајќи предвид дека децата од хрватска националност во Вуковар одат во училиштата според хрватската програма, додека децата од српска националност одат во училиштата според српската програма. Сметаме дека е време сите заедно да одиме во училиштата. Ова е Република Хрватска, значи, по хрватска програма, но со уважување и на српското национално малцинство и овозможување на дополнителни часови за учење на нивниот јазик, историја и култура“, истакна Сушац.
Смета дека проблемот е во та што децата физички се разделени во две училишта и смени и немаат допирни точки.
„Бројни здружениа кои се обидуваат преку некои настани, работилници и натпревари да го спојат мнозинското население и националното малцинство, не можат да успеат во тоа. Соживотот и пријателството се градат од мали нозе“, појасни Сушац.
Како што рече, тоа се две училишта под ист кров.
„Тоа е едно училиште кое имаа одделни две програми. Разделен е и наставниот персонал“, рече Сушац.
Кога зборуваме за толеранцијата, смета дека „градот Вуковар е еден од најтолерантните градови во светот“.
Според пописот на населението од 2021 година, во Вуковар живеат 23.175 луѓе.
„Поголемиот дел од населението е хрватско, со бројни национални малцинства. Со тоа што српското национално малцинство процентуално е најголемо, нешто под 30 проценти. Градот Вуковар и пред војната беше мултикултурен град, а овој попис покажа дека навистина од сите малцинства кои се попишуваа на пописот, мислам дека нема само Евреи и Власи, сите останати малцинства се застапени“, појасни Сушац.
Кога станува збор за советите на националните малцинства, Градот Вуковар ја финансира работата на неколку национални малцинства меѓу кои се српското, унгарското и украинското.
„Освен тоа, Градот Вуковар финансира и културно-уметнички друштва кои ја промовираат културата на националните малцинства“, раскажа Сушац.
Денот на сеќавање на жртвите од Вуковар се одбележува секоја година во знак на сеќавање на падот на градот на 18 ноември 1991 година, под контрола на окупациските сили на српските паравоени формации и тогашната Југословенска народна армија (ЈНА).
Опсадата и битката за Вуковар траеше три месеци од 24 август до 18 ноември 1991 година. Градот кој до падот во рацете на ЈНА е претворен во урнатини, го бранеа близу 1.800 припадници на хрватските сили. Линијата на одбраната беше долга десет километри.
Во битките загинале меѓу 2.900 и 3.600 луѓе. Според податоците на болницата во Вуковар, загинале 1.624 цивили и припадници на хрватската армија, а 1.219 се ранети. Повеќе од 22.000 предвоени жители ги загубија своите домови и беа протерани.
„Во однос на прашањето на исчезнатите лица, кое е тешко праашње и ги мачи сите, а најмногу семејствата, во Градот Вуковар, се бараат посмртните остатоци на уште 383 лица. Посмртните остатоци помалку се наоѓаат. Пред неколку месеци пронајдени се два посмртни остатоци, а пред два дена дојде информација дека уште два посмртни остатоци се пронајдени во околно село во Градот Вуковар“, додаде Сушац.