Точно во 11:52 часот, 14 дена по најголемата трагедија во повоената историја на Нови Сад, кога 14 лица загинаа при падот на настрешницата на неодамна реконструираната Железничка станица, започна акцијата „Стоп Нови Сад - 14 минути за 14 животи“.
Акцијата траеше 14 минути, а граѓаните го прекинаа сообраќајот на повеќе градски локации, а голем број вработени 14 минути излегоа на улиците оддавајќи им почит на трагично загинатите и барајќи идентификација и процесуирање на одговорите за трагичната несреќа.
Сообраќајот запре 14 минути на многу фреквентна раскрсница во близина на железничката станица, активистите го блокираа патот со долго црно платно, а на крајот од оваа акција на небото беа пуштени 14 црни балони на кои беше напишана по една буква, испишувајќи порака: „Корупцијата убива“.
Граѓаните го блокираа и булеварот Михајла Пупин, раскрсницата кај зградите на Покраинската влада и Собранието на Војводина и Градското собрание, а пред Младинскиот театар во центарот на градот, ансамблот на тој театар оддржа 14 минути молк.
Пред работните места излегоа и вработените во шалтерската сала на новосадската полиција, каде што се издаваат лични документи, а таксистите на новосадска компанија не примале повици од 11:52 до 12:06 часот.
И во самиот центар на градот, на Плоштадот Слобода, кај споменикот на Светозар Милетиќ, каде се уште се оставени цвеќиња и свеќи, како и фотографии од загинатите, се собраа граѓани да им оддадат почит на трагичните жртви, меѓу кои најмладата имала шест години.
Во 12:06 часот завршија блокадите и 14-минутната граѓанска непослушност, но барањата на опозицијата и граѓаните искажани на протестот минатиот вторник остануваат непроменети. Тоа се оставки на поранешниот градоначалник, во чиј мандат беше реконструирана Железничката станица, на актуелниот српски премиер Милош Вучевиќ и актуелниот градоначалник на Нови Сад Милан Ѓуриќ, како и идентификување и гонење на одговорните за оваа трагедија. Тројца од тешко повредените се се уште во тешка состојба и под постојан лекарски надзор во Универзитетскиот клинички центар во Војводина.
Вишото јавно обвинителство соопшти дека досега се сослушани 70 лица во врска со падот на настрешницата на железничката станица, но досега ниту едно лице не е лишено од слобода.
Истовремено, во притвор се осум лица кои беа уапсени по протестот при кој беше оштетено Градското собрание. Првично беа уапсени 15 лица, но останатите се ослободени.
„Владата се обидува да ги заборави жртвите и да избегне одговорност, а фокусот на јавноста да се пренасочи кон други теми. Немаме право никого да заборавиме, бидејќи секој од нас можеше да биде под натстешницата, нашето дете, брат, сестра, Мајко, татко Тие ги дадоа своите животи за нас. Нема да дозволиме режимот да ги заборави жртвите! Нема да им помине! Рацете им се крвави. Тие се виновни! Ќе одговорат!“, соопшти здружената новосадска опозиција во повикот за денешната акција.
За недела напладне е најавена нова акција за блокада на сообраќајот, овој пат пред железничката станица, во организација на граѓанската и студентска организација Став и Свиче.