Србија, Северна Македонија и Албанија планираат заедничка наплата на патарини. Оваа информација ја соопшти директорот на Патишта на Србија Зоран Дробњак.
Според Дробњак, правните служби на три претпријатија за наплата на патарини во Србија, Северна Македонија и Албанија работат на подготовка на договор за експлоатација на Open Balkans електронската наплата, а потпишувањето се очекува на почетокот на септември.
Комплетниот развој на системот за електронска наплата во рамки на „Отворен Балкан“ е планиран за крајот на летото, односно крајот на септември годинава, појасни Дробњак.
Што е Open Balkans ETC?
Директорот на Патиштата на Србија објасни што всушност значи Open Balkans ETC.
„Open Balkans електронската наплата на патарини (Open Balkans ETC) всушност е воспоставување единствен систем на електронска наплата во Србија, Северна Македонија и Албанија.“
„Во претходниот период поминавме низ техничките карактеристики на трите наплатни системи – Србија, Северна Македонија и Албанија. Утврдено е дека споменатите системи се во согласност со препораките и директивите на Европската комисија која се занимава со наплата на патарини во Европската Унија“, вели Дробњак во изјава за новинската агенција Танјуг.
Тој истакнува дека во моментов производителите на системи за наплата на патарини во трите земји – Институтот Михајло Пупин во Србија, Аселсан во Северна Македонија и Аутострада во Албанија работат на подготовка на потпишувањето на NDA договорот.
Договори за соработка во рамките на „Отворен Балкан“
Во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ потпишани се неколку договори за соработка помеѓу земјите членки на иницијативата.
На почетокот на јуни за време на одржување на состанокот на членките на Отворен Балкан во Охрид, потпишани се меморандуми за соработка на Северна Македонија, Албанија и Србија во делот на признавањето на дипломите, културата, туризмот и даночните администрации се официјализираше со потпишување договори и меморандуми, со очекување да донесат конкретни резултати.
Иницијативата „Отворен Балкан“ произлегува од Берлинскиот процес и на својот почеток беше именувана како Напредна регионална иницијатива за соработка или како „Мини Шенген“.
„Отворен Балкан“ во моментов е иницијатива во која членуваат Северна Македонија, Албанија и Србија, а има за цел да го промовира и да го развива капацитетот на регионот, како и да донесе конкретни придобивки за граѓаните и за бизнисите.
Оваа иницијатива, сметаат иницијаторите, е можност за зајакнување на регионалната економска соработка и унапредување на слободата на движење на луѓе и добра.