Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска во вторник одговори на протерувањето на хрватскиот дипломат од Србија, со реципрочно протерување на Петар Новаковиќ, советник во српската амбасада во Хрватска.
Српското Министерство за надворешни работи (МНР) во понеделникот го прогласи Хрвој Шнајдер, првиот секретар на хрватската амбасада во Србија, за непожелна личност бидејќи „грубо ги надминал границите на дипломатските норми“, како што соопшти српското МНР.
Белградските медиуми го прогласија Шнајдер за шпион.
„Се работи за документирана шпионажа и регрутирање за работа за хрватската служба. Тоа значи дека се собрани докази дека Шнајдер ја прекршил Виенската конвенција која ги регулира дипломатско-конзуларните односи и како резултат на тоа е прогласен за персона нон грата“, соопштија од провладините „Вечерње новости“.
Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман во вторник изјави дека Хрватска ги отфрла основите за протерување на хрватскиот дипломат и дека возвраќа со реципрочна мерка.
„Согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, одлучивме советникот на српската амбасада во Загреб, г-дин Петар Новаковиќ да биде прогласен за персона нон грата на територијата на Република Хрватска“, рече Грлиќ Радман на прес-конференција.
Грлиќ Радман изјави дека на српската амбасадорка Јелена Милиќ и била врачена нота за протерувањето на Новаковиќ.
Србија го избрка првиот секретар, а Хрватска возврати со протерување на советникот.
На новинарско прашање дали Хрватска ѝ возврати посилно на Србија за протерувањето на дипломат на повисока позиција, Грлиќ Радман рече дека „тоа е прашање на избор“.
„Ние возвративме. Што требаше, да ги прашаме кого ќе протераме?...Не се водевме ниту по дипломатска титула ниту по име“, рече министерот за надворешни и европски работи.
Грлиќ Радман додаде дека одлуката на Србија „е чекор кон влошување на меѓусебните односи и натамошна дестабилизација на чувствителните регионални политички и безбедносни ситуации.
Хрватскиот министер ја стави српската одлука во предизборен контекст, велејќи дека можело да се очекува пред изборите во Србија.
И покрај тоа, тој вели дека протерувањето на хрватскиот дипломат е „загрижувачко“.