Започна примената на договорот за личните карти меѓу Косово и Србија

На граничните премини меѓу Косово и Србија започна примената на договорот за лични карти, додека на Косово започна двомесечниот рок за пререгистрација од српски на таблички со ознаката РКС.

Премиерот на Косово, Албин Курти, уште еднаш ги повика косовските Срби да го искористат периодот од два месеца, кој започна денеска (1 септември), за пререгистрација на своите возила со регистарски таблички кои имаат ознаки на косовските градови кои ги издава Србија на важечките РКС-таблички.

Курти во видеопорака на српски јазик, објавена на социјалните мрежи, наведе дека процесот за легализација на регистарските таблички започнува денеска и ќе трае 61 ден. Како што рече, табличките кои ги издава Србија со ознаките ПР, КМ, ПЗ, ГЛ, УР, ПЕ, ДА и ЃА можат да се пререгистрираат во таблички на РКС (Република Косово) во 34 општински центри за регистрација на возила.

Истакна и дека сите што ќе вршат пререгистрација во одредениот рок ќе бидат ослободени од даноци, акцизи и такси, што е заштеда од речиси 5.000 евра.

Премиерот им порача на локалните Срби дека нелегалните регистарски таблички, кои се наследство од режимот на Милошевиќ, целно ги држеле изолирани, и во минатото. Курти посочи дека со отстранување на тие нелегални регистарски таблички им се овозможува на граѓаните од општините на северот на Косово (Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток) да имаат слобода на движење низ цело Косово.

Курти рече дека во Косово има вкупно 401.945 автомобили со регистарски таблички со ознаката РКС, од кои десетици илјади се во сопственост на припадници на малцинските заедници. Додаде дека оние што треба да извршат пререгистрација, сочинуваат само околу 2 отсто од возилата.

Истовремено, министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечла, синоќа ги посети граничните премини меѓу Косово и Србија за да се увери дека договорот од Брисел за личните карти се спроведува.

„На граничните премини „Мердаре“, „Брњак“, „Бела Земља“ и „Мучибаба“ суспендирано е издавањето документи за влез/излез од страна на српските власти“, напиша Свечла на Фејсбук.

Додаде дека ова е уште еден успех во воспоставувањето на владеењето на правото и уставноста на територијата на Косово.

Српските власти вчера, 31 август, на сите царински пунктови на премините меѓу Србија и Косово, на видливи места поставија известувања во кои се објаснува дека овозможувањето користење на личните карти издадени од Приштина се врши од исклучиво практични причини заради овозможување слобода на движењето и дека тоа не може да се толкува како признавање на прогласената независност на Косово. Известувањата се на српски и на англиски јазик.

Косово и Србија на 27 август, со посредство на ЕУ и САД, постигнаа договор за личните документи.

„Во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ, Србија се согласи да ги укине документите за влез/излез за носителите на косовски лични документи, а Косово се согласи да не ги воведува за носителите на српски лични карти“, соопшти тогаш високиот претставник на ЕУ, Јозеп Борел.

Меѓународната заедница, ЕУ и САД посредуваа за да не се повторат тензиите од 31 јули, кога локалните Срби ги блокираа патиштата на северот на Косово поради мерките на Владата на Косово за воведување реципроцитет на документите од Србија и пререгистрацијата на српски регистарски таблички со ознаки на градовите на Косово кои ги издава Србија во таблички со ознаката РКС.

Патиштата беа одблокирани кога Владата на Косово ја одложи примената на одлуката за 1 септември.

TRT Balkan / агенции
Популарни