Започна заедничката операција на Фронтекс во Северна Македонија / Photo: AA

Министерството за внатрешни работи, преку настан организиран во Скопје, го означи официјалниот почеток на заедничката операција на Фронтекс во Северна Македонија.

На настанот, покрај министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, присуствуваше и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски; вицепремиерот Артан Груби; министерката за одбрана, Славјанка Петровска; извршниот директор на Фронтекс, Ханс Лајтенс; шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир; членката на Европскиот парламент, Лена Дипон; како и други поканети.

Премиерот Ковачевски и евроамбасадорот Гир во своите говори во текот на церемонијата ја истакнаа важноста на заедничката операција за справување со нелегалната миграција.

Свое обраќање преку видеоврска имаше и Илва Јохансон, еврокомесарка за внатрешни работи, која го поздрави официјалниот почеток на заедничката операција на Фронтекс во Северна Македонија.

По церемонијата, министерот Оливер Спасовски и извршниот директор на Фронтекс, Ханс Лајтенс, одржаа заедничка прес-конференција.

Спасовски рече дека овој настан е особено важен за Министерството за внатрешни работи и за сите граѓани на Северна Македонија.

Тој појасни дека освен службеници, Фронтекс ќе обезбеди и возила и патролна опрема. Според Спасовски, само со заеднички пристап, државите можат да се соочат со глобалните предизвици.

„Со денешниов заеднички настан со Фронтекс испраќаме уште една многу важна порака дека не сме сами во справувањето со илегалната миграција, дека зајакнувањето на соработката со Европската Унија, исполнувањето на приоритетите од европската агенда, носат конкретен бенефит за нашите граѓани, бидејќи нашата заедничка посветеност во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал неминовно ќе обезбеди безбедност како за граѓаните на Република Северна Македонија, така и за граѓаните на Европската Унија“, рече Спасовски.

Извршниот директор на Фронтекс, Ханс Лајтенс, рече дека операцијата ја покажува непоколебливата посветеност за обезбедување на европските граници, како и ја нагласува зголемената соработка меѓу ЕУ и Северна Македонија.

Лајтенс рече дека целта на операцијата е да се контролира движењето на мигрантите и борбата против прекуграничниот криминал. Тој објасни дека службениците на Фронтекс ќе ги почитуваат законите на Северна Македонија, меѓународното право и законите на ЕУ.

„Ќе распоредуваме 111 постојани службеници секој месец како дел од операцијата во Северна Македонија. И да биде јасно, службениците кои работат во Северна Македонија работат под контрола на властите на Северна Македонија“, рече Лајтенс, додавајќи дека

сите активности ќе се вршат во соработка и во присуство на локални службеници.

Тој рече и дека операцијата ќе трае до 24 јануари 2024 година, со можност за продолжување на рокот.

Потсетуваме дека Северна Македонија го потпиша договорот за Фронтекс во октомври минатата година. Ова претставува договор за оперативни активности што ги спроведува Европската агенција за гранична и крајбрежна стража во Северна Македонија.

TRT Balkan / агенции
Популарни