Конференцијата во Белград беше во организација на српскиот претседател Александар Вучиќ и Амбасадата на Норвешка во Србија     Фото: МИА

Инвестициите во обновливи извори на енергија и регионалниот пазар носи сигурна енергетска иднина, се согласија лидерите на земјите од Западен Балкан на денешната конференција во Белград организирана од српскиот претседател Александар Вучиќ и Амбасадата на Норвешка во Србија.

Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски на конференцијата за инвестиции во обновливи извори на енергија истакна дека регионалната соработка е единствениот начин да се преброди која било криза и да се изгради енергетска независност. Според Ковачевски, ова е можност да се искористат ресурсите од зелената енергија со кои располагаат државите од Западен Балкан и тој да се развие во нова енергетска сила.

„Единствен начин да се преброди која било криза и да се изгради енергетска независност, единствено е можно низ регионална соработка со оглед на големината и обемот на инвестиции коишто треба да се прават, а кои поединечно ниту една држава не може сама да ги направи. Престои тешка зима, но со солидарноста и соработката меѓу нас, полесно ќе ја пребродиме оваа криза”, рече Ковачевски

Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека енергетиката е клучно прашање за Србија и дека во наредниот период нивото на инвестиции во енергетиката ќе треба да биде од 17 до 32 милијарди евра за да опстане државата, да има доволно гас, струја, нафта, за функционирање на индустријата и домаќинствата. Тој изјави дека енергетското прашање ќе се реши во соработка со Норвешка.

Заменик-министерот за енергетика и специјален пратеник на премиерот на Норвешка Андреас Ериксен истакна дека зелената енергија може да ја стимулира зелената транзиција во целиот регион.

Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, рече дека е очигледно дека Босна и Херцеговина е многу децентрализирана земја и во однос на енергетиката. Тој изјави дека има три јавни претпријатија кои произведуваат струја и една компанија за пренос на енергија.

„Во моментов во БиХ се произведува повеќе струја отколку што се троши во БиХ, но количината што се извезува зависи од хидролошката состојба“, рече Тегелтија.

Тој напомена дека најголемите ограничувања се тоа што се долго градени објекти, освен една термоцентрала што е изградена пред неколку години и посочи дека затоа се потребни големи инвестиции во нив. Тегелтија смета дека Босна и Херцеговина е свесна дека мора да се смени начинот на производство на електрична енергија, бидејќи во моментов 60 отсто од таа енергија се произведува во термоелектраните, а државата ја прифати зелената агенда на ЕУ.

Премиерот на Албанија, Еди Рама изјави дека земјите од Западен Балкан се мали пазари, дека мора да се шират надвор од нивните граници и дека се е многу поскапо, ако секоја земја се занимава со нешто изолирано, отколку ако земјите дејствуваат заедно.

„Ако треба да дејствуваме од регионална перспектива, можеме да имаме поедноставен пристап до финансии и посилни партнерства со приватниот сектор“, рече Рама.

Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ изјави дека неговата земја има многу сончеви денови и дека сака да изгради нови енергетски капацитети, бидејќи тие не се изградени околу 40 години. Тој изјави дека ќе се инсистира на сончева и ветерна енергија и дека планот е да се изгради фабрика за течен гас во пристаништето Бар.

TRT Balkan / агенции
Популарни