Земјоделците во Србија продолжуваат со протестите. За нив е неприфатлива понудата добиена од Владата на Србија, поради што одлучија да продолжат со протестите.     Фото: Танјуг

За земјоделците официјалната понуда која ја добија од Владата на Србија е неприфатлива, поради што одлучија да продолжат со протестите.

Еден од претставниците на земјоделците, Радослав Адамовиќ, рече дека посебно се незадоволни од тоа што понудата за откупот на сончогледот не е зголемена, туку и понатаму станува збор за 535 евра плус данокот, иако земјоделците барале 700 евра по тон.

Така протестот во Нови Сад продолжи со блокада на булеварот Михајло Пупин.

И земјоделците од Рача исто така се незадоволни од исходот на преговорите со премиерката и продолжуваат со блокадата на главната улица пред зградата на Општината.

Еден од земјоделците од Рача, Милан Милошевиќ, рече дека се во комуникација со колегите од Нови Сад, и дека ги повикале другите земјоделци од својот крај да им се придружат.

„Остануваме тука цела ноќ, а утре ќе видиме што понатаму, дали сите ќе одиме за Белград“, рече Милан Милошевиќ од Рача.

Владата на Србија денес ја укина забраната за извоз на сите видови масло по комплетниот увид во состојбата на залихите, но и рекордните површини под засадите на сончоглед.

Земјоделците бараат субвенции на горивата и слободен извоз на земјоделските производи, откупна цена на сончогледот од 700 евра по тон, мораториум и замрзнување на кредитите, премија за млеко од 15 динари по лар, како и 30 отсто субвенции на ѓубривото. Исто така, земјоделците инсистираат да се прогласи елементарна непогода поради големата суша.

Tanjug
Популарни