Зошто има недостиг на работници во угостителството?     Фото: TRT Balkan

„Ресторан има потреба од персонал со и без искуство“, „Вработуваме келнери“, „Итно се потребни готвачи“ … Ова се само мал дел од огласите истакнати на излозите од речиси секој втор угостителски објект во Скопје, Охрид или Струга, но и во другите поголеми градови низ Северна Македонија.

Угостителството до 2019 година беше една од трите најбрзорастечки индустрии во светот, со годишен раст од над 10 отсто. Поради последиците од пандемијата врз економијата, вклучувајќи го и туризмот, вработените во овој сектор беа приморани да работат во други сектори и да се преквалификуваат. Сега, кога почнува новата летна сезона, угостителите се исправени пред предизвикот да обезбедат квалификувана работна сила која ќе одговори на потребите на побарувачката.

Илјадници граѓани од земјите од регионот, и оваа година во текот на летната сезона ќе работат во странство, a чести дестинации за работен сезонски ангажман се Хрватска и Црна Гора. Меѓу оние кои заминуваат во другите земји да работат во текот на летото најголем дел се млади.

На тој начин младите го спојуваат убавото и корисното, времето го поминуваат на море и воедно работат. Угостителите појаснуваат дека во период од мај до септември е се потешко да се дојде до заинтересирани и квалитетни работници кои можат да одговорат соодветно на работните задачи.

Недостигаат работници во туризмот во Северна Македонија

За проблемот со дефицит на работници во угостителскиот сектор алармира и Асоцијацијата на хотелиери – Здружението на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови – ХОТАМ на Северна Македонија. Нагласуваат дека во хотелско угостителскиот сектор, само во Охрид и Струга недостигнаат над 1.000 работници. Според нив, причина е што огромен број вработени заминаа на работа во странство, најголем дел од нив во Хрватска и Германија.

Зошто има недостиг на работници во угостителството?     Фото: ТРТ Балкан

Тие бараат законски измени со кои ќе можат да вработуваат странски државјани со минимални документи.

„Како што може нашите да отидат странство и да работат со минимални документи, така и ние бараме да може да добиеме странски државјани да работат во Македонија тогаш пазарот ќе биде подеднаков“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

Според нив, во екот на сезоната и компаниите во земјава што работат во туристичкиот сектор можат да даваат високи плати, но проблемот настанува надвор од туристичката сезона - од октомври до мај кога не се во можност да ги покријат основните трошоци.

Србите на сезонска работа во Црна Гора

Во Србија, во агенциите за вработување велат дека побарувачката за работници е голема и укажуваат дека заминувањето на сезонска работа на крајбрежјето околу Јадранското Море предизвикува намалување во понудата на работната сила на пазарот на трудот.

Највеќе тоа се рефлектира во секторот на туризмот, бидејќи најбараните профили на црногорското и на хрватското приморје, се келнери, готвачи и помошни работници во кујна. Поради тоа домашните угостители се во проблем да го надоместат одливот на работната сила.

Потребни 15.000 работници за летната сезона во Хрватска

Во секторот сместување и исхрана во Хрватска, моментално недостасуваат околу 15.000 работници за работа на приморје, а очекувањата се дека бројката ќе се намали. Ова неодамна во изјава за Хрватската радио-телевизија (ХРТ) го соопшти Роберт Пенде, од хрватското Министерство за туризам.

Како што појасни тој, од тие 15.000 работници, само во дејноста сместување се потребни 10.000 работници за оваа туристичка сезона, додека проценките се дека во секторот на угостителството се потребни уште околу 5.000 работници.

Доколку се погледнат статистичките податоци и во Црна Гора ќе се воочи слична состојба. Колку за споредба, минатата година, Министерството за внатрешни работи на Црна Гора од јануари до август издало 1.438 дозволи за сезонско вработување, објавија медиумите во Подгорица. Најмногу дозволи добиле државјани од земјите во регионот, а меѓу нив најбројни се државјаните од Србија, односно 844 работници.

Системот за работни дозволи во Црна Гора е комплициран, а процесот на добивањето на дозвола трае два-три месеци, а летната сезона три месеци, поради тоа дел од оние што работат сезонски, работат непријавено.

Привлечни плати и работни услови

Она што најмногу ги интересира работниците што се пријавуваат за сезонска работа, но и јавноста генерално е колку ќе заработат доколку бидат ангажирани. Според огласите за вработување, плата од 700 до 900 евра се нуди за собарки, за келнери од 1.000 до 1.300 евра, а за готвачи од 1.500 до 2.500 евра и повеќе, во зависност од бројот на работните часови и од квалитетот на услугата.

Потребни квалификувани туристички работници во Албанија

Со недостиг на квалификувана работна сила во угостителството се соочува и Албанија, земја која во последните години забележува значителен раст на туристи. Минатата година земјата ја посетиле 5,7 милиони странски државјани од кои 95 отсто се туристи.

Искуствата на угостителите и туристичките претприемачи покажуваат дека и во Албанија постои недостаток од искусен персонал.

Надлежните велат дека во Албанија има одредени професионални образовни институции за хотелиерство и туризмот генерално, кои според нив се уште не се промовирани. Во меѓувреме, во изминатите години на повеќе универзитети во земјава се отворени посебни департмани за туризам, со што се очекува да се зголеми понудата на квалификувани туристички работници на пазарот на трудот.

TRT Balkan
Популарни