Група инвеститори предводена од Илон Маск нуди околу 97,4 милијарди долари за купување на OпенАИ, со што ескалира правниот спор со компанијата за вештачка интелигенција која Маск помогна да се основа.
„Маск и неговиот стартап за вештачка интелигенција xAИ и конзорциум инвестициски фирми сакаат да ја преземат контролата врз производителот на ЧетГПТ и да го вратат во неговата оригинална добротворна мисија како непрофитна истражувачка лабораторија“, рече адвокатот на Маск, Марк Тобероф.
Извршниот директор на ОпенАИ, Сем Алтман брзо ја отфрли понудата на социјалната платформа Х на Маск.
„Не, благодарам, но ќе го купиме Твитер за 9,74 милијарди долари ако сакате“, напиша Алтман.
Маск брзо возврати пишувајќи „Измамник“. „Никогаш не е досадно на X“
Маск го купи Твитер, сега X, за 44 милијарди долари во 2022 година.
Маск и Алтман, кои помогнаа во лансирањето на ОпенАИ заедно во 2015 година и подоцна се натпреваруваа околу тоа кој треба да го води, беа во долготрајна расправија околу насоката на стартапот откако Маск поднесе оставка од одборот во 2018 година.
Маск, ран инвеститор и член на управниот одбор на ОпенАИ, ја тужеше компанијата минатата година, прво пред државниот суд во Калифорнија, а подоцна и пред федералниот суд, тврдејќи дека не ги исполнила нејзините основачки цели како непрофитна истражувачка лабораторија во корист на јавното добро.
„Маск инвестираше околу 45 милиони долари во стартапот од неговото основање до 2018 година“, рече Тобероф пред судот минатата недела.
Маск и ОпенАИ се соочија пред федералниот суд во Калифорнија минатата недела додека судијата го разгледуваше барањето на Маск за судски налог што ќе го блокира производителот на ЧетГПТ да се претвори во профитна компанија.
Судијата Ивон Гонзалес Роџерс, сè уште не одлучил по барањето на Маск, но таа кажа дека Маск „изррично тврдел“ дека ќе биде непоправливо оштетен ако таа не интервенира за да го спречи ОпенАИ да продолжи со планираната транзиција да стане профитна корпорација.
„Можно е тоа што го кажува господинот Маск да е вистина. Ќе дознаеме. Тој ќе седи на трибините“, рече таа.
Покрај Маск и xAИ, другите кои ја поддржуваат понудата се Барон Капитал Груп (Baron Capital Group), Валор Менаџмент (Valor Management), Атрејдс Менаџмент (Atreides Management), Ви Фoнд (Vy Fund), Емануел Капитал Менаџмент (Emanuel Capital Management) и Ејт Партнерс ВЦ (Eight Partners VC).
Тобероф рече дека ако Алтман и сегашниот одбор на OpenAI имаат намера да станат целосно профитна корпорација, од витално значење е добротворната организација да биде прилично компензирана за она што нејзиното раководство и го одзема - „контрола врз најтрансформативната технологија на нашето време“.
Тобероф додаде дека Маск, како ко-основач на OпенAИ и успешен технолошки лидер, е „личноста најдобро позиционирана да ја заштити и развие технологијата на OпенAИ“.
Минатиот месец, американскиот претседател Доналд Трамп најави огромен инфраструктурен проект од 500 милијарди долари наречен „Ѕвездена порта“. Главните имиња, вклучувајќи ги Софтбанк, OпенАИ и Оракл, планираат да ги здружат силите за да изградат центри за податоци во САД за понатамошен развој на вештачката интелигенција.