Целта е во наредните децении да се откријат уште повеќе тајни за темната материја и универзумот / Photo: Reuters

Научниците од ЦЕРН велат дека се на пат да изградат судирач на честички од следна генерација што ќе го засени сегашниот голем хадронски судирач во Швајцарија.

Истражувачите велат дека завршиле голема фаза од нивната физибилити студија за потенцијално градење, но таа нема да биде целосно завршена до средината на следната година.

Презентирани се првите анимации на „Иден кружен судирач“, за кои научниците од ЦЕРН се надеваат дека ќе добијат зелено светло за изградба. Тие велат дека е од суштинско значење за да се открие што ја сочинува темната материја, која е 95% од нашиот универзум, а моментално не можеме да ја видиме.

Целта е да се инсталира новиот судирач кога постоечкиот Голем хадронски судирач ќе заврши со работа во 2040 година. Но, истражувачите велат дека постојниот судирач веројатно нема да биде деактивиран и ќе продолжи да се користи за експерименти.

Претседателот на Советот на ЦЕРН, професор Елиезер Рабиновичи, вели дека одлуката допрва треба да се донесе, но засега одговорите на Советот за физибилити студиите се позитивни.

„Сите членови на советот се согласија со визијата дека ЦЕРН ќе продолжи да ја обезбедува најдобрата можна физика и најдобрата можна технологија на светската заедница за физика и ќе продолжи да ги истражува длабоките прашања за универзумот“, вели Рабиновичи.

Плановите што сега ги презентираат истражувачите покажуваат дека тунелот нема да биде со обем од 100 километри, како што беше првично предвидено.

Физичарот за забрзување на ЦЕРН, Мајкл Бенедикт, вели дека тоа ќе биде малку помал прстен од 91 километар.

Кога станува збор за трошоците за проектот, извршниот директор Фабиола Џаноти вели дека сегашната проценка од 15 милијарди швајцарски франци веројатно ќе се промени и точната цена ќе биде достапна во 2025 година.

Големиот хадронски судирач ја докажа својата вредност за светот на науката и нашето разбирање на универзумот, а за да се развие тоа разбирање ни треба нова генерација на судири.

„Идниот кружен судирач нема да биде само прекрасен инструмент кој ќе го подобри нашето разбирање на основните закони на физиката и природата. Ќе биде и двигател на иновациите, бидејќи ќе ни требаат нови напредни технологии, од криогеника до суперспроводливи магнети, вакуумски технологии, детектори, инструменти, технологии со потенцијално огромно влијание врз нашето општество и огромни социо-економски придобивки“, вели Џаноти.

Идниот кружен судирач би бил лоциран веднаш до Големиот хадронски судирач со опсег од 27 килиметри во близина на Женева, кој е можеби најпознат по тоа што помогна да се потврди субатомскиот Хигсов бозон во 2012 година.

Целта е да се откријат уште повеќе тајни за темната материја и универзумот во наредните децении.


TRT Balkan / агенции
Популарни