Во 2012 година научната фела смета дека е потврдена теоријата за т.н. Хигсов бозон / Photo: Reuters

Европската организација за нуклеарни истражувања прослави 70 години од формирањето во 1954 година кога примарната цел била да се спречи одливот на мозоци од научната фела кон Соединетите Американски Држави.

Денес ЦЕРН е најмногу препознатлив по Големиот хадронски судирач со кој се прават експериментите на судир на честички за да се реплицираат условите од теоријата за настанување на универзумот, популарна како „Биг Бенг“ (Големиот тресок).

Големиот хадронски судирач има мрежа долга 27 километри во кој се одвива судир на честички со брзина приближна на светлината и според директорката Фабиола Џианоти секој ден успеваат да ги рекреираат условите на почетниот универзум, во милионитиот милионити дел од секундата по Големиот тресок.

Во 2012 година научната фела смета дека е потврдена теоријата за т.н. Хигсов бозон, односно моментот кога честичките добиваат маса формирајќи го универзумот кој потоа постојано се проширува.

Со помош на овие истражувања беше воспоставен Стандардниот модел на честичките, а дел од достигнувањата потоа беа искористени за многу пронајдоци и комерцијални продукти кои денес му се неопходни на општеството.

ЦЕРН, сместен на границата меѓу Франција и Швајцарија, има амбиција да продолжи со експериментите поврзани со микрочестички, како и да ги разоткрие мистериите на темната материја и да ги објасни феномените на универзумот за кои човештвото и натаму има ограничено знаење.

TRT Balkan / агенции
Популарни