Податоците од вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА, собрани во текот на две години, го потврдија претходното откритие на Хабл дека вселената се шири околу осум проценти побрзо од очекуваното врз основа на она што на астрофизичарите им е познато за почетните услови на универзумот и неговата еволуција со текот на времето.
Набљудувањата на Веб, најмоќниот вселенски телескоп, се чини дека ја отфрлаат идејата дека податоците од неговиот претходник Хабл биле на некој начин погрешни поради грешки во тој инструмент.
„Ова е најголемиот примерок на податоци од телескопот Веб за време на неговите први две години во вселената и го потврдуваат збунувачкото откритие на Хабл со кое се бориме цела деценија, а тоа е дека универзумот сега се шири побрзо отколку што и нашите најдобри теориите можат да го објаснат“, вели астрофизичарот Адам Риес од Универзитетот Џонс Хопкинс во Мериленд, главен автор на студијата објавена во понеделникот во списанието Astrophysical Journal.
„Да, се чини дека нешто недостасува во нашето разбирање за универзумот“, додаде Риес, добитник на Нобеловата награда за физика во 2011 година за заедничко откривање на забрзаното ширење на универзумот.
„Нашето разбирање за универзумот е полно со незнаење за два елементи - темната материја и темната енергија, и тие сочинуваат 96 проценти од универзумот. Затоа, тоа не е мала работа, истакна Реис.
„Резултатите од Веб може да се толкуваат така што можеби ќе има потреба да се ревидира нашиот модел на универзумот, иако во моментов е многу тешко да се одреди точно што е тоа“, рече Сијанг Ли, докторант по астрономија и астрофизика на Универзитетот Џонс Хопкинс, исто така коавтор на студијата.
Темната материја, за која се смета дека сочинува околу 27 проценти од универзумот, е хипотетичка форма на материја која е невидлива, но се претпоставува дека постои врз основа на нејзините гравитациони ефекти врз обичната материја - ѕвезди, планети, месечини, сите нешта на Земјата, на кои отпаѓа околу пет проценти од универзумот.
Темната енергија, за која се верува дека сочинува приближно 69 проценти од универзумот, е хипотетичка форма на енергија која продира во огромни делови од вселената што ѝ пркосат на гравитацијата и го поттикнуваат забрзаното ширење на универзумот.
Што може да ја објасни необичната стапка на ширење?
„Постојат многу хипотези кои вклучуваат темна материја, темна енергија, темно зрачење, на пример неутрина (вид на електрично неутрални елементарни честички со мала маса) или самата гравитација, која има некои егзотични својства. Сето ова доаѓа како можно објаснување“, рече Риес.
Истражувачите користеле три различни методи за мерење на одредена метрика - растојанието од Земјата до галаксиите каде што е документиран тип на пулсирачка променлива ѕвезда наречена Цефеид. Мерењата на Веб и Хабл се поклопија.
Големата експлозија го започнала универзумот пред 13 до 14 милијарди години, кој оттогаш се шири. Научниците открија во 1998 година дека оваа експанзија всушност се забрзува, и тие претпоставуваат дека темната енергија може да биде причина.
Како дел од новата студија, научниците ги разгледаа податоците на Веб кои покриваат околу една третина од целосната листа на релевантни галаксии на Хабл.
Во 2023 година, тие објавија дека претходните привремени податоци на Веб ги потврдиле наодите на Хабл.