Научниците се прилично сигурни дека невидливата „темна материја“ го сочинува најголемиот дел од масата на универзумот и велат дека без неа немаше да бидеме тука, но тие не знаат што е тоа.
Некои научници ги изложија своите истражувања на Кралската летна изложба во Лондон.
Научниците претпоставуваат дека „постои темна материја“, укажувајќи на ефектите од нејзината гравитација врз видливата материја.
Сепак, нејзиното постоење се покажа дека тешко се докажува и се смета за една од најголемите енигми во науката.
Универзитетот Ланкастер, Универзитетот во Оксфорд и Универзитетот во Лондон Ројал Холовеј, заеднички наречени Quantum Enhanced Superfluid Technologies for Dark Matter and Cosmology (QUEST-DMC), ја претставија својата работа со изложени модели за да помогнат да се демонстрираат целите на детекторот што го развиваат.
Проф. Џоселин Монро, физичар за честички од Универзитетот во Оксфорд користи тегла што содржи вода и мешавина од видливи и невидливи честички за да ја демонстрира темната материја во универзумот.
„Ова е приказ на материјата во вселената каде што може да се види дека има обоени топчиња и тие претставуваат честички што ги знаеме и ги гледаме, кои веќе ги откривме во стандардниот модел, но она што не можете да го видите е дека има пет пати повеќе честички во овој сад кои се проѕирни. Тие ја претставуваат темната материја во универзумот. Врз основа на астрофизичките мерења, знаеме дека околу пет пати повеќе од универзумот е направен од темна материја отколку од честички кои веќе ги знаеме и сме ги откриле“, објаснува Монро.
Теоријата на физиката на честичките сугерира два можни кандидати за темната материја - едниот е дека темната материја се состои од нови честички кои се толку слаби што сè уште не се забележани, а другата е дека може да се состои од честички кои се многу лесни и брановидни и тие се нарекуваат аксиони.
Професорот по експериментална физика на Универзитетот Ланкастер, Едвард Лерд, ја објасни нивната потрага по темна материја со модел на аксионски детектор дизајниран да детектира аксони со радио бранови.
„Ги детектираме барајќи ги радио брановите што ги испуштаат. Ефикасно градиме многу чувствително радио“, вели Лерд.
Обидот за снимање на такви чувствителни сигнали бара сложени технологии.
„Проблемот со аксионите е што не знаеме кои се фреквенциите. Мора да пребарувате низ огромен број фреквенции за да најдете сигнал кој би бил темна материја. Градиме експерименти кои можат да го направат тоа, а она што е ново е тоа што градиме нови типови на квантни детектори кои ќе примаат навистина ситни сигнали, толку мали што дури и квантната несигурност може да ги прикрие вистинските сигнали на темната материја“, додава Лерд.
Истражувачите веруваат дека можните честички на темната материја може да се откријат и преку нивната интеракција со обичната материја.
Квантните технологии се користат за прв пат на ултра ниски температури со цел да се набљудува она што досега не можеше да се открие.
„Експериментот QUEST работи на набљудување на судирот на честичките на темната материја со атомите во многу чувствителен детектор кој користи суперфлуид хелиум-3 за да бара интеракции на темната материја со обичната материја“, вели Монро за еден од експериментите.
За научниците, способноста за откривање на честички од темната материја обезбедува подлабоко разбирање на универзумот.
„Возбуден сум што нашите експерименти ќе не донесат поблиску до откривање на темната материја бидејќи тие се почувствителни од кога било досега. Ако ја најдеме, ако некој ја најде, секако дека ќе славиме. Дури и да не ја најдеме, сепак е интересно бидејќи технологијата што ја развиваме е сè уште корисна, а со овие експерименти учиме нешто навистина важно за составот на нашиот универзум“, вели Лерд.