Шведската кралска академија на науки ја додели Нобеловата награда за физика на тројца научници „за експерименти со преплетени фотони, утврдување на прекршување на Беловите нееднаквости и пионерска квантна информациска наука“.
Годинешните лауерати се Ален Аспект од Австрија, Џон Клаузер од САД и Антон Цајлингер од Австрија.
Аспект е професор на Универзитетот Париз-Сакле и Политехничката школа, Палезо, во близина на Париз. Клаузер работел во Националната лабораторија Лоренс Беркли, Националната лабораторија Лоренс Ливермор и Универзитетот Беркли во Калифорнија, додека Антон Цајлингер е почесен професор на Универзитетот во Виена.
Тие истражувале како се однесуваат две поврзани честички без оглед на оддалеченоста меѓу нив, феномен кој своевремено го вознемируваше и Алберт Ајнштајн нарекувајќи го „морничава акција на оддалеченост“.
Нивните експерименти и научни откритија се повеќе ќе се користат во практична технологија што ќе донесе голем напредок во информатиката, роботиката и компјутерството.
„Сè уште сум некако шокиран, но многу позитивен“, рече Цајлингер телефонски на прес-конференција откако ја слушна веста.
Квантната комуникација според научниците наскоро ќе биде реалност во модерното општество, и нејзината примена во комерцијални и општествени цели ќе овозможи многу побрзи пресметки и пренос на податоци, со што ќе се наоѓаат решенија на многу комплексни проблеми.
Тројцата добитници како и вообичаено ќе поделат награден фонд кој изнесува околу 1 милион долари.