Добитник на овогодинешната Нобелова награда за физиологија или медицина е шведскиот генетичар Сванте Паабо, објави во понеделник Одборот за доделување на престижната награда.
Паабо го доби признанието за „откритијата поврзани со геномите на изумрените хоминини и човечката еволуција“.
„Нобеловецот за 2022 година Сванте Паабо откри дека има трансфер на гени од изумрените хоминини до хомо сапиенс.
Паабо е роден во 1955 година. Тој се специјализираше за еволутивна генетика. Како еден од основачите на палеогенетиката, тој интензивно работел на геномот на неандерталецот.
„Неговите откритија даваат основа за истражување на она што не прави уникатни како луѓе“, се вели во објаснувањето на наградата.
Нобеловата награда во оваа област ја доделува Шведската кралска академија, а вреди 10 милиони шведски круни (околу 915.000 евра).
Наградата за физиологија или медицина е првата Нобелова награда што се доделува оваа година. Во текот на неделата ќе бидат објавени и останатите лауреати.
Нобеловата награда се доделува секоја година за најголемите достигнувања кои придонеле за човештвото во текот на претходната година.
Станува збор за награди за достигнувања во областа на физиологијата или медицината, физиката, хемијата, литературата, економијата и за придонес за мирот, кои почнаа да се доделуваат пред 120 години во чест на шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел (1833-1896).
Нобеловата награда за прв пат е доделена во 1901 година, а првично се доделуваше во пет области, а од 1968 година почна да се доделува и во областа на економијата.