Милиони луѓе беа воодушевени од веста за лек кој може да го промени животот на многу пациенти. Во јули беше претставена пресвртница во борбата против Алцхајмеровата болест. Во Велика Британија е развиен лек чии антитела помагаат во раните фази на болеста и го забавуваат нејзиниот развој за 20 проценти.
„Јас сум еден од најсреќните луѓе што некогаш ќе ги запознаете. Секој ден се чувствувам подобро и мислам дека ова ќе биде успешно. Уверен сум дека наскоро ќе се вратам како што бев“, изјави Мајк Коли, пациент со Алцхајмерова болест.
Уште една успешна приказна од Велика Британија.
Годинава за прв пат во таа земја е извршена комплицирана процедура за трансплантација на матка. Операцијата траела 17 часа.
„Пациентката беше пресреќна. Имаше многу солзи и емоции. И донаторот бил среќен откако се разбудил од анестезија. Тоа беше голем момент за сите нас, изјави Изабел Кирога, хирургот што ја направил трансплантацијата.
Нобеловата награда за медицина им беше доделена на двајца научници кои придонесоа за развој на вакцина против КОВИД. Истражувањето на научниците Катарин Каико и Дру Вајсман доведе до развој на вакцини со mRNA кои спасија многу животи за време на пандемијата.
Брзиот развој на технологијата го покажува нејзиниот огромен потенцијал и во медицината.
40-годишен Холанѓанец може повторно да оди благодарение на електронскиот мозочен имплант. Неговите мисли се пренесуваат со електронски импулси на нозете и стапалата.
„Имплантот во мозокот следи што правам со колковите и на тој начин преземам чекори, изјави Герт-Јан Оскам, пациент.
Технологијата исто така многу им помага на оние кои настрадаа во војната.
Според податоците на украинското Министерство за здравство, 15 илјади Украинци останале без екстремитети во првата половина од 2023 година.
Алексис Чолов ја загуби десната рака како волонтер лекар во источна Украина. Благодарение на новата бионичка рака, тој продолжи да работи во здравството.
„Војниците ја чувствуваат поддршката кога ќе дојдат кај мене на преглед. Тие се чувствуваат како да дошле кај лекар и воен пријател, бидејќи ние поминавме низ истиот пат“, рече тој.
Компании и медицински институти во Кина исто така работат на подобрување на бионичките екстремитети кои препознаваат сигнали од мозокот.
Уредот ги препознава слабите електрични импулси од мускулите и нервите, односно нивната намера да се движат. На овој начин, корисникот може да ја движи бионичката рака користејќи го - својот сопствен ум.
На истиот принцип работат и роботите кои во иднина би можеле да ги хранат неподвижните пациенти во болниците.